| четврток, 6 декември 2018 |

Нов катастрофален настап во Мерсин – Италија ни одржа лекција по модерен ракомет

Италија ја победи Македонија со 33-20 во второто коло на машкиот ракометен турнир во Мерсин, Турција. Шокантен резултат за нас и блескава победа за „аѕурите“, кои беа подобри во текот на целиот меч.

Уште по првиот дел, кој го загубивме со 10-19, беше јасно дека нѐ чека ново непријатно изненадување во екипните спортови на Медитеранот. И наместо да се обидеме да го намалиме срамот и огромната разлика, и второто полувреме го загубивме со 10-14, што на крајот ни донесе несфатлив дебакл.

Ова е еден од највисоките порази во историјата на македонската машка ракометна репрезентација, а уште повеќе боли што е доживеан со солиден состав, од селекција што не е којзнае каква ракометна сила.

Филип Лазаров беше најефикасен во нашата репрезентација со 8 гола, а по 4 постигнаа Стојанче Стоилов и Мартин Манасков. За Италија, Скатар даде 10 погодоци, 6 пати мрежата ја погоди Гета, а 5 пати прецизен беше Радвовчиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top