Денеска во киносалата на „Синеплекс“ свечено ќе почне шестото издание на Францускиот филмски фестивал. Утре на програмата на Фестивалот е филмот „Камиј повторува“ во режија и во присуство на Ноеми Лвовски. Фестивалот ќе трае од 26 до 27 јуни во Скопје, каде што во киносалите на „Синеплекс“ ќе има проекции на повеќе филмови, а централниот дел на манифестацијата ќе се одржи од 28 до 30 јуни во Охрид во Центарот за култура „Глигор Прличев“, каде што ќе присуствуваат еминентни гости од Франција и ќе бидат прикажани најновите остварувања од француската кинематографија. Предвидено е да се прикажат 10 долгометражни и 3 краткометражни филмови. Фестивалските денови ќе ги затвори филмот „Последната изборна кампања“ на режисерот Бернар Стора.
Овој фестивал се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Министерството за култура, регионот на Долна Нормандија, Охридска банка, Публицис, Пежо, Стоби, Луминари Медиа и Филмски фонд на Македонија.
Овогодишната официјална селекција на филмовите ја направи господин Жан-Мишел Фродон, поранешен главен уредник на „Каје ди синема“. Фестивалот на францускиот филм во Охрид е централна француска културна манифестација во Македонија, но и прва културна странска манифестација од овој вид во земјата. На овој фестивал нашата публика ќе има исклучителна можност да ги види најновите филмски остварувања од француската кинематографија, која важи за една од најплодните, европски кинематографии која ја карактеризира високо ниво естетика, професионалност и културни вредности, а воедно, по проекциите, да раговара со присутните синеасти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.