Директорот на ФБИ Кристофер Вреј испрати соопштение до вработените во агенцијата во кое се наведува дека „стои зад нив“, откако е објавен доверлив републикански меморандум во кој се изнесуваат сериозни критики на сметка на американската федерална служба.
– Ја поддржувам нашата заедничка решеност својата работа да ја извршуваме независно и според прописи, наведе Вреј во соопштението.
Американскиот Конгрес го објави доверливиот републикански документ во кој се обвинува ФБИ за користење нападна техника во истрагата за можно руско мешање во изборите, откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп го одобри неговото објавување.
Во меморандумот се наведени наводни пропусти на ФБИ во првите етапи од истрагата за врски меѓу Трамп и Русија за време на претседателските избори во САД.
Со објавувањето на меморандумот, Трамп ги игнорираше предупредувањата од раководството на ФБИ.
– Она што се случува во нашата држава е срамно, изјави Трамп, објавувајќи дека го декласифицирал меморандумот од републиканскиот конгресмен и поранешен член во неговиот изборен штаб Девин Нуњес.
Сега се очекува Комисија на Претставничкиот дом да го објави меморандумот, откако таа одобри објавување.
Меморандумот на четири странички ќе биде објавен и покрај приговорите на Демократската партија, ФБИ и Министерството за правда. Документот бил изготвен без одобрение на членови на комисијата од Демократската партија.
Трамп имаше пет дена да одлучи дали меморандумот ќе го декласифицира или ќе стави вето на одлуката за објавување.
Во меморандумот, меѓу другото, се наведува дека ФБИ го злоупотребил законот за надзор на странски разузнавачки служби, така што го користел на несоодветен начин за да дојде до налог за прислушување, а потпирајќи се на непроверено досие за Трамп и Русија. Тоа досие го составил поранешниот агент на британската разузнавачка служба Кристофер Стил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.