| четврток, 6 декември 2018 |

Утре е „крвава супермесечина“, што ќе се случи?

В среда, 31 јануари, околу полноќ, ќе може да ја набљудуваме веќе втората Супермесечина за 2018 година, заедно со т.н. „Сина“ и „Крвава“ Месечина. Појавата на Супермесечината (научно: перигејна сизигија) ќе биде поради малата оддалеченост од Земјата (перигеум) од само 359.000 km (наспроти просечните 385.000 km), поради што ќе изгледа за околу 13% визуелно поголема и 20-30% посјајна од вообичаеното. Реално, тие неколку проценти големина или сјајност во однос на претходните слични појави се едвај забележливи (поточно најчесто незабележливи) за човекот, пишува порталот „Игеографија.мк“.

Сепак, во медиумите можат да се видат фотографии на огромна Месечина, неспоредливо поголема од нормалната појава и од објектите во околината. Најчесто станува збор за фотомонтажа, односно комбинација на 2 фотографии: една обична од даден простор-пејзаж и една фотографија на која Месечината е снимена со зголемување (зум) од 10, 20, 30 или повеќе пати. Едноставно, фотографијата на Месечината се нанесува на нормалната пејзажна фотографија и се добива ефект на неприродно голема Месечина. За да биде вака огромна, Месечината треба да е на само 100.000-150.000 km од Земјата, но во тој случај нашата планета би трпела страшни последици: огромни плимски бранови, зачестени земјотреси и вулкански ерупции со катастрофален карактер, огромни цунами бранови, а денот и ноќта би траеле по само 5-6 часа. Во такви услови, тешко дека би постоел животот онаков како што го знаеме, а за човекот воопшто да не зборуваме. Всушност, во геолошката историја, Месечината навистина била толку блиску и толку голема (кога би се гледала од Земјата), но пред повеќе од 2 милијарди години! Тоа значи дека од создавањето, патеката (положбата) на Месечината е сè подалеку од Земјата, а таа и денес се оддалечува по околу 3,8 cm годишно или околу 4 метри за еден век.

Терминот „Сина Месечина“ не значи дека таква ќе биде нејзината боја, туку е израз за појава на втора полна месечина во календарски месец, што обично се случува на секои 2-3 години. Сепак, оваа 2018 година ќе биде посебна со две појави на т.н. „Сина Месечина“ (следната ќе се случи на 31 март), а обично двојна Сина Месечина има само 3-5 пати на 100 години (претходната била во 1999, а следната ќе биде во 2037 година). Инаку, изразот „Сина Месечина“ често се користи во англосаксонското говорно подрачје (Blue Moon).

Речиси истовремено со Сината Супермесечина ќе дојде до целосно затемнување на Месечината од страна на Земјата, која неколку часа „ќе го испречи“ патот на сончевите зраци. Поради дифузно расејување на светлината од Земјината атмосфера, сенката на Месечината ќе изгледа црвеникава, а оттаму излегува и називот „Црвена“ или „Крвава“ Месечина (Bloody Moon).

Интересно е што во овој февруари ќе нема полна Месечина, што се случува само еднаш на 19 години. Инаку, претходно сите три настани се случиле пред повеќе од 150 години, односно на 31 март 1866 година.
Видливост на целосното затемнување на Месечината на 31.01.2018 година.

За жал, „Сината крвава Супермесечина“ ќе може директно да се набљудува само од Источна Азија, Австралија и од западните делови на САД и Канада. Од подрачјето на Македонија, околу 5 часот наутро ќе може да се забележи сосема слабо, речиси незабележливо затемнување, но затоа ќе може да се следи директно на интернет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top