| четврток, 6 декември 2018 |

Планинарите бараат од МПЦ насилно да не го зема домот „Матка“

Федерацијата на планинарски спортови (ФПСМ) на Република Македонија во име на преку 30 илјади планинари јавно побара од надлежните да го спечат одземањето на планинарските домови од институции и поединци.

На денешната прес-конференција ФПСМ ја информира јавноста, како што велат, дека на криминален начин, после 75 години Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија сака насилно да им го одземе планинарскиот дом „Матка“.

Претседателот на ФПСМ Јовица Угриновски повикувајќи се на документи и фотографии направени од 1938 година наваму, хронолошки и детално објасни како Федерацијата го добила планинарскиот дом „Матка“ на владеење и само поради една катастарска грешка денес и е доделен на МПЦ – ОА.

– Од 1940 година домот „Матка“ е доделен на планинарите, по војната во средината на 60.те години е земен под владение од планинарите и во следните години е дограден, реновиран. Во 1987 година домот е преземен од Спелеолошко друштво Пеони. Во 2008 година добиен е поседовен лист од Катастарот. Во 2009 година, одеднаш, преку ноќ, Комисијата за денационализацијата, планинарскиот дом го преименува во конак. Две години подоцна, на 15.11 издаден е документ од Катастар на кој планинарскиот дом „Матка“ е во сопственост на ФПСМ, а само еден ден подоцна од истата државна институција излегува поседовен лист на има МПЦ – ОА. На 15 еден сопственик, на 16 друг. На ова и Коперфилд може да позавиди, како со волшебно стапче Катастарот врши промена на сопственост, рече Угриновски.

Од ФПСМ соопштија дека успеале барем времено да го спречат одземањето на домот „Матка“ од МПЦ – ОА и ја повикаа Црквата да кажат по кој основ стануваат сопственици.

– Ја повикувам МПЦ да дадат само една изјава, на кој начин станале сопственици на домот. Дали го купиле, наследиле, изградиле, добиле на подарок, јас ја поднесувам целата кривична, материјална, морална одговорност и јас лично како Јовица Угриновски ќе им исплатам оштета ако ја побараат. Вториот начин е да ги идентификуваат оние луѓе во МПЦ кои ги прекршиле Божјите заповеди и да се оградат од ова, во спротивни и тие се соучесници, потенцира Угриновски.

Поддршка до ФПСМ во борбата за зачувување на планинарските домови дадоа најголемиот број на клубови од цела Македонија, како и од меѓународни институции и поединци.

За следниот период, од федерацијата најавија акции и за други планинарски домови кои се во процедура за нивно одземање.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top