Во тек е акцијата за спасување на стотици планинари на планината Ринјани на индонезискиот остров Ломбок, еден ден по силниот земјотрес од 6,4 степени кој ја погоди популарната туристичка дестинација.
Најмалку 17 лица загинаа, а околу 160 се повредени во земјотресот кој во неделата го погоди туристичкиот остров Ломбок, на југоистокот на Индонезија, објавија локалните власти.
Овој силен земјотрес предизвика паника, жителите бегале од своите домови, а гостите од своите хотелски соби. Земјотресот чиј епицентар бил на длабочина од седум километри се случил 13 минути пред полноќ, во саботата. Следеле повеќе од сто помали земјотреси, пренесе американскиот гоефизички институт.
Земјотресот се случил 50 километри североисточно од Матарам, центарот на Ломбок. Островот е популарна туристичка дестинација, а се наоѓа на стотина километри источно од островот Бали, кој исто така е омилен меѓу туристите.
Земјотресот бил почувствуван и на овој остров, каде што туристите исто така панично истрчале од хотелите.
Стотици планинари од денеска бавно се спушатаат по планината Ринјани во страв од лизгање на земјиштето што се случува по силниот земјотрес, пишува „Ројтерс“. Спасувачките служби им помагаат на планинарите и им носат храна, вода и други потреби материјали. Според „Ројтерс“, најмалку 500 туристи се на планината и се очекува да пристигнат на подножјето за неколку часа.
Десетици планинари беа заглавени во планински куќи и во тек е акција за нивно извлекување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.