| четврток, 6 декември 2018 |

Љубомир Цуцуловски: Немање црвени линии значи и сигурна промена на името

Професорот Љубомир Цуцуловски на својот Фејсбук профил пишува за промената на уставното име на Република Македонија, односно за игнорантскиот однос на Зоран Заев кон целата македонска јавност и упорно преговарање на голема врата со јужниот сосед.

Немање црвени линии воедно значи и сигурна промена на име. Сето тоа е завршено, Заев е должен да ги исполни очекувањата на целата странска политичка сцена, правејќи најголема штета на Република Македонија. Крајот е и повеќе од извесен вели Цуцуловски.

– КАПАН ИЛИ МИШОЛОВКА. Деновиве, на својот фејсбук профил, своите црвени линии за името ги објави и Владимир Милчин. Мислам дека тоа го направи „малку“ задоцнето и, второ, малку повеќе од несмасно. Задоцнето е, затоа што прашањето околу името е веќе завршена работа – барем засега. Ќе дојде ново време, со нова генерација, која ќе го исправи она што дел од сегашниве генерации (од 1992. наваму) го оплеска. Но, сега е скоро готово.

– Второ, Милчин тоа го прави несмасно, бидејќи не сфаќа („несфаќа“?) дека црвена линија околу името не смее да постои. Црвената линија е: името или се менува или не се менува. Сѐ друго е шминка. Неговиот предлог потсетува на „девиците“, кои невино-наивно, просто трогателно недоветно, тврдат дека се бремени, но дека биле сосема малку бремени. Луѓето „изумуваат“ дека или си бремен (го менуваш името) или не си бремен (не го менуваш името). Која било варијанта, различна од Република Македонија, е промена на името и, на овој план, нема мала или голема промена – промената е промена, била голема или мала.

– Трето, говори за името, но збор не изустува за Законот за употребата на јазиците, како и за отстапките што се прават пред Грција, макар што со ништо не се предизвикани. Велат дека сме имале иредентистички –значи, завојувачко/окупаторски – амбиции кон соседната држава. Ако ништо друго, барем може да каже дека таквата теза, во најмала рака, е гротескна, пишува Цуцуловски.

Република Македонија постојано се залага за унапредување на правата на сите етнички права на Албанците и другите малцинства што живеат во државата и се бори за континуирано подобрување на истите. Во таа насока професорот Цуцуловски вели:

– Пазете, Република Македонија имала завојувачки амбиции кон Грција, членка на НАТО(!?). Цело време се залагаше за граѓански, што значи за индивидуални права, а цело време се бореше за колективните, етничките права на Албанците, изумувајќи дека индивидуалното не се остварува преку колективното, бидејќи услов за слободата на целината (колективот) е слободата на индивидуата – нема слободна целина без слободни индивидуи/граѓани.

Цуцуловски заклучува дека свеста понекогаш е тешко да се стекне, но сепак подобро некогаш од колку никогаш. Името никогаш не било по сигурно дека ќе се смени од сега, од моменталниот тек на настаните.

– Тврдеше, меѓутоа и натаму тврди, дека во СФРЈ бил репресиран. Бил учесник во студентските немири од 1968 година. Можеби! Сепак, нејасно е како така репресиран, само две години покасно (1970) го формира (без особени проблеми) алтернативниот театар „Театар кај св. Никита Голтарот“, а претходно (1964-1970) „Не-театар кактус“, во времето кога бил учесник во немирите од 1968. Како „репресиран“ од тој систем, се залагаше за лустрација. Беше лустриран меѓу првите. Чудните се судбините човечки: се залагате за граѓанско
општество, пред вас никнува општество обременето со национализам и шовинизам; се борите за индивидуални човекови права, а пред вас се остваруваат колективни етнички права; се борите за добросодески одоси, а соседите ви го менуваат името, историјата, јазикот…

– Се борите за лустрација, а ве лустрираат… Србите имаат згоден збор „мишоловка“. На македонски, „капан“. Времето за наплаќање (за она што било недоволно промислено, а сепак направено) кога-тогаш доаѓа. Трчаш, правиш нешто, се бориш и се залагаш за нешто и, наеднаш, се наоѓаш во капан. Кој го поставил и зошто го поставил, за оваа пригода е небитно. Битно е, почитувани, дека името не можело да се менува, меѓутоа, сепак, можело да се менува, ако само малку (еве олку – само тројца!) се промени.

Р.Ѕ. Лошо е кога човек накнадно стекнува свест за она што било. Но, сепак, подобро е некогаш отколку никогаш, па макар било накнадно и делумно освестување, завршува Цуцуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top