| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски: Оној кој нема достоинство, нека размислува за името

ЗА ИМЕТО И ДОСТОИНСТВОТО. Оној кој размислува за тоа какво име би требала да има Република Македонија, посредно се согласува со промена на нејзиното име. Јас таков проблем (како треба да се преименува Република Македонија: Вардарска, Горна, Долна или…) немам, ниту ме интересира, бидејќи не сум за промена на нејзиното име. Кој има таков проблем, нека размислува, нека анализира. Но, јас за тоа одбивам да размислувам и да анализирам, пишува професорот Љубомир Цуцуловски на Фејсбук.

„Тоа не значи дека дугите ги принудувам да прекинат да размислуваат и да анализираат за промена на името. Ако некои (или, некој) имаат доволно брутална сила и безобзирност можат, за своја и за сечија употреба, да ме именуваат како што ќе посакаат. Но, од тоа не следи дека ќе се согласам да го променам мојот став за себе и за моето име. Да бидам појасен: некој може да ме именува како Цуцул, Цуле, Љубомир, Љупчо, Љупче, Љубиша… Но, јас останувам тоа што сум – Љубомир Цуцуловски, сеедно дали тоа некому му се допаѓало или не; сеедно дали тоа ќе го прифати или не, и сеедно на последиците по себе од мојот „тврдоглав“ став, бидејќи да се има став, значи да се има подготвеност/храброст да се поднесат последиците од својот став.“

Подлегнувањето пред надворешните притисоци нема да ги намали притисоците, туку, напротив, ќе ги охрбри/засили, зошто во овој свет попуштањето/компромисот пред туѓите барања не се сфаќа као израз на добра волја или на самоувереност во себе и во својот идентитет, туку како слабост и несигурност, пишува Цуцуловски.

„А кога ќе се помисли дека некој е слаб и несигурен, затоа што направил одреден компромис, тогаш притисоците уште повеќе се зголемуваат, па на претходните барања се додаваат нови барања и така сè до варварски бескрај. Кој ме разбира ме разбира; кој не ме разбира, не ме разбира. На претходното, немам што повеќе да додам или да одземам. Јас останувам тоа што сум (Љубомир Цуцуловски), како што и Република Македонија би требала да остане тоа што е – Република Македонија.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top