Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 30.000 амандмани за Законот за употреба на јазиците. Целта на амандманите, како што велат од партијата, е усогласување на Законот со Уставот на државата.
Рокот за поднесување амандмани истече во 16 часот, а собраниските служби сè уште работат на нивно архивирање.
Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вели дека поднесените амандмани се поднесени за два члена од Законот, кои, како што рече, се во директна спротивност со Уставот.
-Првенствено Членот 6 од законот вели дека институциите како што се: Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство, Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, институциите во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и институции други области се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата, но и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, рече тој.
Овој член, додаде Ѓорѓиевски, е во спротивност со ставовите 2,4 и 5 на Амандман 5 од Уставот на Република Македонија.
–Таму е дадена можност кој било граѓанин што живее во општина во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот во комуникацијата да го употребат својот јазик. Институциите им одговараат на македонски и на јазикот кој го употребува граѓанинот. Наместо тоа во предлогот на СДСМ чл.6 предвидува институциите да обезбедат задолжителна употреба само на еден јазик, во случајов албанскиот. Со тоа директно се дискриминираат помалите заедници во Република Македонија, рече тој.
Опозицијата го оспорува и Членот 22 од законот за двојазичност кој пропишува глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на органите кои нема да ги почитуваат одредбите од овој закон, додека глоба во висина од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече и на службеното лице.
Како што рече Ѓорѓиевски, овој член не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Законот за јазиците месецов беше изгласан од парламентарното мнозинство, но претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише. Поради тоа, Законот повторно се враќа во Собрание, а неговото трето читање е закажано за в понеделник, 29 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)