| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани во март ќе добијат повисоки сметки за вода – Шилегов се правда дека цената ја одредила Регулаторна

Скопјани во март ќе добијат повисоки сметки за вода. Еден кубен метар вода поскапува за 2,04 денари. По многуте реакции во јавноста, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска објасни дека сметките не се зголемуваат поради поскапување на водата, туку поради трошок за третирање отпадни води кој се додава на сметката за вода.

– Сакам да разјасниме дека ниту Град Скопје, ниту ЈП „Водовод и канализација“ не побарале зголемување на цената. Цената на водата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Досега имаше два чинители на цената на водата, едниот беше тарифата за снабдување со вода, а другата точка по која се формира цената е тарифа за собирање и одведување на отпадните води. Согласно со европската регулатива, на Град Скопје му е додадена и трета точка која влијае на формирањето на цената, а тоа е тарифа за прочистување на отпадните води од две прочистителни станици, едната на реката Лепенец и другата на Вардар. Ние се одлучивме за најниската понудена цена од Регулаторна комисија, а тоа е сметката да се зголеми за 2,04 денари за кубен метар, вели Шилегов.

Во новата цена е влезен трошокот што ќе го прават две пречистителни станици на реките Лепенец и Вардар. Советот на Град Скопје ќе гласа за повисоките сметки за вода в среда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top