| четврток, 6 декември 2018 |

Во македонските министерства не знаеле албански – ќе фалат преведувачи

Според анализите направени во три министерства, повеќе од половина вработени никогаш немале искуство да пишуваат или да читаат акти на друг јазик, освен на македонски, покажува една анализа на невладината организација „Заеднички вредности“.

Ова ја наметнува потребата од кадар кој ќе биде ангажиран за превод на илјадниците документи и акти кои ќе треба да бидат двојазични во сите институиции – од министрствата, до нотарите – за да се имплементира Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ) кој на 17 јануари го усвоија сите 69 пратеници во македонското собрание.

Државните службеници не биле информирани дека постои Законот за јазиците, донесен во од 2008 и дека тој требало да се применува во државните институции, покажала анализата, како што пренесува ТВ21.

– Не секој од нив е информиран дека постои таков закон (…) во моментот кога странката ќе посака да зборува на друг јазик, а не на македонски тоа вообичаено се решава ад хок, на колегијален начин за да си излезат во пресрет, за да ѝ помогнат на странката и да преведат на македонски јазик – вели Разије Јонузи.

Јонузи исто така вели дека употребата на Законот за јазиците од 2008 година бил оставен на слободната волја на раководителите на секторите.

Пречка за спроведување на законот бил и недостаток на квалификуван кадар, затоа професорите по албански јазик предложија формирање комисија за обука на преведувачи.

– Јас инсистирам да се формира ваква комисија, бидејќи навистина е потребна, за да немаме проблеми, бидејќи не е работата само да се спроведе употребата на јазикот, туку таа примена да даде резултат. Да не н’е оштети, туку да ја унапреди употребата на јазикот – порачува лингвистката, Ајтен Ќамили, пренесува „ТВ21“.

Претседателот на државата стави вето на законскиот акт, но тој веќе во понеделник ќе се најде на пленарна седница во Собранието. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави амандмани во врска со забелешките на Законот поднесени од Иванов, но парламентарното мнозинство, неофицијално, најави „план Б“ во случај опозицијата да се обиде да го одложи усвојувањето на законот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top