| четврток, 6 декември 2018 |

Артан Груби најавува: Албанскиот јазик ќе се официјализира во јануари (видео)

Албанскиот јазик во јануари, следната година ќе се официјализира на државно ниво, тврди претседателот на комисијата за европски прашања, Артан Груби за телевизијата на албански јазик ТВ 21.

По тринеделна дебата и разгледување на амандманите од страна на политичките партии, законот утре ќе се достави до претседателот на Собранието за конечно усвојување на второто читање.

„Посакувам тоа да се случи во текот на годината, но според реформската агенда, убеден сум дека кон средината на јануари ќе го усвоиме и на тој начин ќе го заокружиме Охридскиот договор и ќе постигнеме јазична еднаквост. Ќе затвориме едно важно поглавје кое произлезе од Охридскиот договор и војната во 2001 година“, вели Груби за ТВ 21.

Првото читање на законот наиде на противења од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои реагираа со реплики и контра реплики. Според оваа партија, овој закон ја прави Македонија двојазична држава и понуденото решение се коси со Уставот на Република Македонија.

Во втората фаза се поднесени 91 амандман од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Беса. Што се однесува до бојкотот од опозицијата, Груби рече дека тие треба да гласаат за овој закон, бидејќи, во спротивно, процесот ќе се одвива и без нив.

„Посакувам ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот за јазиците, да дојдат и да се соочат со аргументите во врска со амандманите кои се доставени и од нив и од Беса“, додава Груби.

Овој предлог –закон беше едно од барањата на албанските политички партии за формирање на новата влада. Евро комесарот за проширување, Јоханес Хан, за време на неговиот престој во Скопје, рече дека овој закон не е услов за влез во ЕУ, за подоцна до реакција да излезат од ДУИ велејќи дека изјавата на Хан била лошо протолкувана.

Новиот предлог-закон за употреба на јазиците ја унапредува употребата на албанскиот јазик на локално и централно ниво, и обезбедува официјална употреба на јазикот кој го говорат најмалку 20% од граѓаните како и неговата употреба во пишана форма со цел граѓаните да можат да го употребуваат и спроведуваат на официјално ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top