| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за филм ќе го поддржи новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“

„Врба“ е работниот наслов на новиот филм на светски познатиот режисер Милчо Манчевски кој Агенцијата за филм на Македонија ќе го поддржи со 1,25 милиони евра. Филмот е пријавен на отворениот конкурс на Агенцијата за филм. На Конкурсот објавен на ден 22.11.2017 година, пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови, соопштија од Агенцијата.

Филмскиот проект „М“ на Вардан Тозија и „Сестра“ на Дина Дума добиваат по 325.000 и 292.000 евра во категоријата „дебитанти“.

Овие три проекти добиваат најголем дел од средствата од вкупно 17-те филмски проекти кои ќе бидат финансиски поддржани од Агенцијата.

Покрај споменатите три долгометражни играни филма со македонски мнозински удел, поддржани се и пет копродукциски проекти со македонски малцински удел, два документарни долгометражни филмови, пет краткометражни играни филмови, и по еден краткометражен документарен и анимиран филм.

Од Агенцијата посочуваат дека меѓу насловите што ја добиле поддршката има проверени режисерски и продуцентски имиња, но и дебитанти кои, според нив, се позитивно изненадување за македонската кинематографија.

Со задоволство можеме да констатираме дека најавените засилени критериуми според кои ќе се оценуваат филмските проекти, а во насока на подобрување на квалитетот и успехот на македонската кинематографија, меѓу авторите и продуцентите се забележува продуктивен креативен потенцијал, доминираат современи теми кои можат да бидат препознатливи и допадливи и на домашната и на светската публика. Се напушта и мегаломанскиот начин на формирање на буџетите, и ги стимулираме продуцентите во рамките на расположливиот буџет да креираат солидни и добри филмски остварувања“, соопштија од Агенцијата за филм.

Од таму информираат дека од вкупно пристигнати 73 филмски проекти, 12 не ги исполнувале условите за да влезат во процесот на евалуација.

Останатите проекти се евалуирани низ процесот пропишан со Правилникот за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност (Сл.весник на РМ, бр.97 од 26.06.2014г.) и врз основа на бодувањето односно освојувањето на минимумот пред професионалните рецензенти не поминаа 26 апликации, вклучувајќи долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови. Останатите го поминаа целиот процес на проценка, и од нив со крајна Одлука од Управниот Одбор се одобрени и ќе ја добијат поддршката од Агенцијата“ додаваат од Агенцијатта за филм.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top