Најмалку 17 лица се уапсени во голема полициска акција која од утрово се спроведува низ цела Македонија, објави порталот „Прес 24“ повикувајќи се на полициски извори.
„Лисици на рацете почувстувале граѓани на Тетово, Скопје, Струмица, Берово, Делчево и од уште неколку помали места од источна Македонија. Меѓу уапсените има и еден полицаец вработен од граничната полиција, а три лица сѐ уште се во бегство. Според првичните неофицијални информации, полицијата ги сомничи за организиран шверц на цигари кој го спроведувале во изминативе 2-3 години“, пишува порталот.
Групата од 2010 година внесувала илегално цигари од Албанија и од Косово и ги складирала во складишта во Скопје како и во импровизирани магацини во близина на македонско-бугарската граница. Во моментов полицијата сѐ уште врши претреси на повеќе локации.
Според неофицијалните информации, кај дел од осомничените е пронајдена и марихуана, цигари, како и пакети со „ред бул“ за кои се смета дека се внесени нелегално од Косово.
Акцијата сѐ уште е во тек, а по завршувањето сите приведени ќе бидат изведени пред истражен судија.
Против дел од приведените лица се постапувало и претходно, но со индивидуални пријави, а сега полицијата се сомнева дека станува збор за организирана криминална група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.