Најтрофејниот активен тенисер на Вимблдон, Роже Федерер, по три години пауза ќе има чест да игра на премиерата на новото издание на неофицијалното светско првенство во тенис, а противник денеска точно напладне, на централниот терен, ќе му биде Виктор Ханеску.
Федерер ја брани титулата, а ги има дури 7 на терените на Ол-Ингланд клубот и повторно е во групата главни фаворити на 127. издание. Тој е корекордер според бројот на трофеи на Вимблдон, со Пит Сампрас од модерното доба и со Вилијам Реншоу, тенисер што победуваше во аматерската ера на турнирот.
Што е специфично за англискиот гранслем, што го прави толку посебен, атрактивен, шармантен и привлечен и за тенисерите и за публиката?
Традиција
Вимблдон се игра од многу одамна и веќе има традиција од три века. Почетокот е во 1877 година и значајно е што никогаш не се менувала подлогата за игра. Од самиот старт, досега, тоа е единствениот гранслем што се игра на трева. Тоа му дава посебен шарм, а долговечноста е импресивна. Да се одржи нешто цели 127 години, со мали прекини поради светските војни, е вистински подвиг. Строгите правила на турнирот сѐ уште постојат и само тука учесниците се обврзани да ги почитуваат воспоставените кодекси. Мора да се игра во бела опрема, само на Вимблдон нема реклами на разноразни спонзори околу терените, а турнирот е вистински лидер во светот на тенисот.
Пари
Вимблдон и во поглед на паричниот фонд секогаш бил авангарда иако и Отвореното првенство на САД успева да се носи со висината на наградите. Од 2007 година организаторите го израмнија наградниот фонд за учесниците и во машка и во женска конкуренција, па победниците добиваат иста награда. Претходно мажите беа фаворизирани, а веќе шеста сезона по ред шампионите добиваат еднаков износ. Годинава вкупниот фонд е 26,5 милиони евра, што е зголемување од 40 проценти, во однос на ланското издание. Шампионите ќе добијат по 1,9 милион евра, а со парите одат и уникатните пехари. Истите се доделуваат од самиот почеток на Вимблдон и затоа имаат посебна вредност.
Шлаг со јагоди
И јадењето е дел од традицијата на Вимблдон, а овде се работи за еден вид „мит“, што се изгради околу една обична порција шлаг со јагоди. Во почетоците биле послужувани претставниците на кралското семејство и нивните гости, а подоцна приказната доби поинакви димензии, па сега обичниот десерт стана заштитен знак на турнирот. Велат, да не пробате барем една „тура“ шлаг со јагоди на Вимблдон, е исто како да не сте биле присутни на турнирот. Обично, а сепак толку невообичаено, благодарение на вековната традиција.
Ол-Ингланд клубот
Познатиот комплекс терени на Вимблдон се лоцирани во „Ол-Ингланд“клубот, основан како место за крикет во 1868 година. Само 9 години подоцна станува и тениски дом, а единствената преселба се случила во 1922 година, на сегашната локација на „Чрч роуд“. Оттогаш постојано се игра на иста локација, а внатрешноста постојано се уредува. Комплексот има нови терени, вкупно 19 за игра и 22 за тренинг, централниот терен доби покрив, наскоро уште еден од нив ќе има можност да биде покриен, а организаторите веќе имаат елаборат за проширување на зелените површини внатре во самиот клуб. Уникатен, со долга традиција, клубот „Ол-Ингланд“ е домаќин на најдобрите тенисери веќе 127 години.
Шампиони и фаворити
Роже Федерер е икона на Вимблдон и лански шампион, а тој повторно е меѓу фаворитите, иако не игра во најдоброто издание. Има 31 година и клубот е како негов дом, тениско катче каде што Швајцарецот е несопирлив. Има тежок распоред, и веројатно ќе мора да игра со Рафаел Надал во четврт-финалето. Шпанецот изненадувачки има две титули на Вимблдон, иако важи за специјалист за игра на земја. И тој е во кругот на главните фаворити.
Број 1 аспирант за титулата е Новак Ѓоковиќ. Србинот има најлесен пат до круната, ги избегна конкурентите од големата четворка, Федерер, Надал и Мареј, сѐ до финалето, и ако не направи неочекуван кикс има трасиран пат до завршницата. Тој е шампион од преклани и тоа му е единствената титула на Вимблдон. Тука е и Енди Мареј, големата надеж на британскиот тенис. Проблемот е што островјаните чекаат трофеј од Британец цели 77 години. Последен што славел е Фред Пери во 1936 година.
Кај дамите, се чини има само една фаворитка, сите останати се во сенка на извонредната Серена Вилијамс. Таа со 5 круни е најтрофејна меѓу активните тенисерки, доаѓа во Лондон со титулата од Ролан Гарос и со импресивна серија од 31 победа.
Во обид да ја сопрат, нешто поголеми шанси од останатите има Марија Шарапова, која ја изненади Серена во 2004 година. Тука е и шампионката од преклани, Петра Квитова, потоа Азаренка, Стосур, можеби Ивановиќ и уште неколку девојки од самиот врв на листата на ВТА. Серена го брани трофејот од лани и ќе се обиде да ја прокнижи шестата титула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.