| четврток, 6 декември 2018 |

ДПМ ќе организира трибина во чест на академик Милан Ѓурчинов

Друштвото на писателите на Македонија на 13 февруари, на одбележувањето 71 година од постоењето, ќе организира трибина посветена на академик Милан Ѓурчинов.

Поводот за трибината е 90-годишнината од раѓањето на академик Ѓурчинов и е насловена „Епохата на естетскиот плурализам – дебата за критиката“.

Како што соопшти ДПМ, на трибината ќе учествуваат академиците Влада Урошевиќ и Али Алиу, и универзитетските професори Елизабета Шелева, Лидија Капушевска-Дракулевска и Димитрија Ристевски.

Претседателот на ДПМ Веле Смилевски на трибината ќе му предаде на Ѓурчинов Повелба на ДПМ по повод неговото 60-годишно членување во писателската асоцијација.

– Како есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар и антологичар, Милан Ѓурчинов остави силен печат во сите позначајни фази од развојот на македонската литература, во времето на книжевната конфронтација, одбраната на модернистичките тенденции и промовирањето на книжевниот плурализам, до најновите литературни процеси од 21 век. Неговите Избрани дела објавени се во 10 тома – соопшти Друштвото на писателите на Македонија.

Милан Ѓурчинов својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше шеф на катедрата за славистика и покренувач и раководител на катедрата за компаративна книжевност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top