| четврток, 6 декември 2018 |

Се што треба да знаете за утрешните уписи

Утре започнуваат уписите во јавните средни училишта за учебната 2013/2014 година, кои се задолжителни согласно измените на Законот за средно образование.

Обезбедени се 34.971 ученички места, од кои 22.694 во стручно образование, 11.597 во гимназиско образование, 408 во уметничко и 272 ученички места во спортската гимназија.

Според јазикот на кој се изведува наставата, 24.029 слободни места се обезбедени за учениците на македонски наставен јазик, за наставен албански јазик има 10.092 места, за турски јазик  816, додека 34 слободни места има за учениците кои ќе ја следат наставата на српски јазик.

Според податоците на Министерството за образование и наука, во учебната 2012/2013 година настава посетувале вкупно 22 990 осмоодделенци.

Оваа година за прв пат учениците ќе можат да се запишат во новото средно училиште „Илинден“ во Илинден и тоа во две паралелки од електротехничка струка. Од оваа година се воведуваат и нови образовни профили во три струки: мултимедиски дизајнер во уметничкото училиште, техничар за логистика и осигурување во АСУЦ и угостителски техничар во „Лазар Танев“ во Скопје и „Ванчо Питошески во Охрид“.

Експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе се реализира во Државното училиште за физичка култура “Методија Митевски Брицо” во Скопје, а потребните документи и сите други дополнителни информации се објавени на огласната табла на училиштето.

Бројот на потребни поени за запишување во средно училиште остана ист, како и минатата учебна година и тоа: за гимназиско образование  60 поени, за здравствена струка  70 поени, за економско, правна и трговска струка 60 поени, за сообраќајна струка (за образовниот профил техничар за патен сообраќај 55 поени и за образовниот профил техничар за транспорт и шпедиција 60поени), за образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги 60 поени, за електротехничка струка и тоа: за електротехничар за компјутерска техника и автоматика 55 поени, за електротехничар за електроника и телекомуникации 50 поени, а за останатите образовни профили 45 поени. За образовните профили во траење од три години бројот на поени изнесува 30, за сите профили.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рокови:

-Јунски рок – со две пријавувања:

Првото пријавување и запишување на учениците ќе биде на 24 и 25 јуни 2013 година, а резултатите од запишувањето и сло­бод­ните места ќе се објават на 26 јуни 2013  година.

Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 28 јуни 2013 година, а резултатите ќе се објават на 29 јуни 2013 година.

Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2  јули 2013 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули 2013 година.

-Во Августовскиот рок ќе има едно пријавување и тоа: на 22 август 2013 година, а резул­та­тите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 23 август 2013 година.

Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс,  продолжуваат со запишување на учениците до 30  август 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top