| четврток, 6 декември 2018 |

Прибак: Со Раул ќе победуваме и подобри селекции од нас

Немања Прибак поради повреда нема да настапи дуелите со Саудиска Арабија и Србија, но се очекува овој искусен ракометар да се рехабилитира навреме за настап на претстојното ЕП во Хрватска. По пауза од повеќе од една година тој повторно би го облекол репрезентативниот дрес, откако доби повик за такво нешто од Раул Гонзалес, стратегот со кого имаше беспрекорна соработка и во Вардар.

– Раул почнува и во репрезентацијата да гради еден систем што го има и во Вардар. Тоа е одлично, а единствената работа што не е добра е што за имплементација на тој систем е потребно време, а реално се бара резултат и победа веднаш. Се сеќавам дека со Вардар губевме во СЕХА дома од Војводина, имавме уште неколку „киксеви“, токму поради тоа што беше потребно време за сите коцки да се склопат. Е сега, кога ќе се склопат, тогаш тимот на Раул може да игра со секого и да победи секого, вели Прибак за Екипа.

– Сето тоа е многу добро за младите македонски играчи како Талески, Кузмановски… кои сигурно ќе напреднат уште повеќе под негово водство. Мислам дека за една до две години Македонија ќе игра на највисоко можно ниво, што на крајот е и конечната цел на Раул. Ние и сега играме добро против репрезентации од наш ранг, но со Раул за селектор целта е да победуваме и селекции подобри од нас и верувам дека тоа ќе се случи, додава тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top