| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани масовно денеска на Водно: Сите во потрага по чист воздух (галерија)

Убавото време, распустот и празниците скопјани ги искористија и масовно и млади и стари, денеска во голем број се искачија на падините на Водно. Особено голем број посетители имаше на на врвот на планината за да можат, барем накратко денеска да уживаат во чистиот воздух и убавиот поглед кон градот.

Воздухот во Скопје во последниве денови е екстремно загаден. Мерните станици покажуваат дека висока загаденост има регистрирано кај Ректоратот, Карпош, Центар, Гази Баба, Лисиче…

Расте бројот на пациенти кои поради аерозагадувањето побарале помош на Клиниката за пулмологија. Затоа, како што вели директорот Докиќ, отворена е и дополнителна амбуланта со цел да ги прими сите пациенти со приоритетни упати. Со најлоша клиничка слика се хронично болните- оние со пневмонија, бронхитис, астма, белодробни фибрози.

-Аерозагадувањето смета не само на хроничните пациенти, туку е штетно и за здравјето на сите здрави индивидуи, поради тоа што предизвикува воспаление на слузокожата од носот и горните и долните дишни патишта, што може да се манифестира со кашлица, иритација во очите, гребење во грлото, потешкотии во дишењето, вели Дејан Докиќ, пулмолог и алерголог.

Тамара Тодевска на својот инстаграм профил постави фотографии од Водно каде со своите најмили ужива во глетката и убавото време.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top