| четврток, 6 декември 2018 |

Фејсбук лекување и помош во 2017: Хуманоста на граѓаните за Валерија, Тони и Тео, Николија…

Илјадници луѓе ја покажаа својата хумана страна и донираа за малата Валерија која страда од тумор на мозокот. Родителите помош за своето дете побараа преку социјална мрежа Фејсбук. Беа отворени телефонски броеви за донирање, оставена и број на сметка, по собраните средства за тешката операција која значеше живот за малото девојче мајката се заблагодари на сите граѓани.

– Благодарам Штип. Благодарам Македонијо. Благодарност и до луѓето кои живеат надвор од нашата земја и сите државјани од странство од се срце за хуманоста. Уште еднаш докажавте дека заедно можеме сè. Валерија ќе ви биде секогаш благодарна и ќе ви врати со нејзината насмевка. Со Господ напред, кога ќе се вратиме да си дојдеме со убава вест“, напиша мајката на Валерија на Фејсбук.

Валерија Зафировска од Штип беше оперирана во болницата во Турција. По завршувањето на операцијата, нејзиниот татко на социјалните мрежи напиша:

-Народе, да сте живи и здрави. Бог ги слушна вашите и наши молитви. Слава Боже! Валерија е ОК, будна без никакви компликации. Бог да ве благослови сите! Бог е голем! Да сте живи и здрави сите што бевте со нас во најтешките моменти! Бог да му даде среќа на професор доктор Мемет Озек.

По успешното закрепнување од операцијата порака со благодарност до сите граѓани на Македонија упати и седумгодишното девојче.

За да не се соочи друго семејство со истата голгота низ која минаа малата Валерија и нејзините барајки средства за лекување, мајката истакна дека средствата кои нема да бидат потрошени за лекувањето на девојчето, ќе бидат пренаменети за други дечиња на кои им е потребно лекување во странство.

„Република“ издвои само дел од повиците за помош кои ја одбележаа 2017 година кои благодарение на граѓаните се со позитивен резултат.

Граѓаните донираа за подобар живот на близнаците Тони и Тео

Седумгодишните близнаци Тео и Тони заедно со своите баба и дедо живеат во руинирана куќа во Долно Лисиче без основни услови за живот. Тео и Тони се напуштени од родителите кои по разводот си заминале од дома оставајќи ги нив со невработените баба и дедо. Дечињата немаат пари ниту за храна и основни хигиенски производи. Тео и Тони секој ден во училиште одат со искинати чевли и распарталени панталони поради што стануваат мета за потсмев на останатите ученици. Двете братчиња живеат во трошна куќа која проќиснува, со влага и без соодветно греење. По оваа тажна приказна, јавноста се крена на нозе. Преку Фејсбук, дебатни емисии на телевизиите, радија секојдневно се нудеа донации. И македонските поп ѕвезди пејачите од групата ДНК донираа за нив. Се апелираше до сите граѓани кои сакаат да помогнат, да им излезат во пресрет со било каков вид на помош. Санација на целата куќа, изградба на тоалет, монтажа на под, нови врати, прозорци, машина за перење, фрижидер, мебел и дрва за огрев. За кратко време во домот на овие деца од хумани граѓани пристигнаа машина за перење, парични средства, храна, облека. Во телевизиско јавување од страна на хуман граѓанин беше понудено комплетно менување на вратите и прозорците во куќата. Близнаците во 21 век балгодаренија на донациите прв пат добија тоалет. Но верувале или не за сликата да биде уште потажна бабата на близнаците изјави дека најпотребни им се хигиенските средства, прашок за перење, омекнувач за алишта, сапуни, шампони, паста за заби. Откако апелот одекна преку сите средства за информирање и граѓаните ги покажаа своите широки срца беше обезбедено и вработување на дедото на децата.

Николија се врати од Германија, родителите се заблогадарија за подадената рака

Малата Николија Динова од Неготино се врати од клиниката во Есен, Германија, каде што пред неколку месеци започна нејзиното лекување. Приказната за десетмесечното девојче ја трогна цела Македонија. Родителите апелираа за помош, бидејќи им беа потребни 11 илјади евра за да се направат потребните испитувања, да се постави прецизна дијагноза и да се одреди терапија.

Во тој период Николија беше во доста лоша состојба поради дијагностицираниот дефект на мозокот, и секојдневно имала мозочни грчеви кои со тек на време станувале се полоши. Нивниот апел допре до многумина хумани граѓани и разни компании, кои донираа со цел да се собере потребната сума, се организираа хуманитарни настани, деца одеа од врата до врата со кутии за донации. Сега, откако се вратија во родното Неготино, мајката Наташа се заблагодари на сите кои пружиле помош и им ја вратиле вербата во човечката добрина.

-На клиниката во Германија поминавме добро. Грчевите се смирија, ни одредија терапија која Николија ја прима, сега продолжуваме со физикална терапија и снимања кај нас. Собирањето на донациите одеше бавно, но сепак дојдовме до потребната сума. Им благодариме на сите за подадената рака во овие за нас претешки моменти.

Апел за помош на Бојан

Последниот апел за помош кој се појави на Фејсбук и ја заокружува 2017 година е за малиот ангел, 11 месечниот Бојан Тасев кој е роден со срцева аномалија и за кого е потребна итна операција во Бугарија за која се потребни 15 500 евра.
Тажно, но вистинито, додека институциите молчат, граѓаните несебично делуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top