| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската алијанса успеа да издејствува реализација на два проекти во Пустец

Pustec

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција во договор со Демократската партија на Сали Бериша за заедничко коалицирање за парламентарните избори во Албанија, успеа да издејствува одобрување од Владата на два проекти за Општина Пустец.

Проектите се во вредност од 200.000 евра, а станува збор за асфалтирање на патот на село Горна Горица и реконструкција и асфалтирање на патот од влезот во Пустец кај Здраствениот дом.

Тендерите за овие проекти завршија пред еден месец и веќе е започната нивната реализација.

Имено, првиот проект кој предвидува реконструкција и асфалтирање на патот од влезот во Пустец кај Здраствениот дом веќе е при крај. Другиот проект асфалтирање на патот на село Горна Горица е во тек, се работи на проширување на патот и се очекува многу бргу и негово асфалтирање.

Пред потпишување на договорот за коалиција со Демократската партија, Македонска алијанса излобира кај Владата на Република Албанија отворање во мај 2013 година на граничниот премин Џепиште-Требише само за локалните жители од Голо Брдо и од Дебар, до изградбата на целосната инфраструктура за целосното отворање на овој граничен премин.

За граничните премини Шиштавец, Борја и Оргоста во областа Гора, кој гранични премини постоеја до сега само како пешачки премини, од мај 2013 година овие гранични премини да бидат функционални и за возила.

Овие гранични премини ќе влијаат за развој на областите Голо Брдо и Гора, области населени со Македонци и ќе се спречи процесот на емиграција на Македонците од овие области.

Исто така, Македонска алијанса доби гаранции дека до септември сите предмети на македонски јазик кој со закон се предвидени за децата во Мала Преспа ќе бидат испечатени, додека за барањето на Македонците од Требиште, Голо Брдо од септември ќе се изучува македонскиот јазик од седмо одделение како што предвидува законот за образование на Република Албанија.

Од Македонска алијанса за весникот „Македониум” изјавија дека Македонска алијанса е единствена гаранција за развој на подрачјата каде што живеат Македонците во Албанија и интегрирање во институциите на системот во Албанија, и затоа е потребно обединување на Македонците во Албанија и на престојните парламентарни избори да ја поддржат и гласаат за Македонска алијанса за европска интеграција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top