Архитектот Александар Карангелoв ја доби Големата годишна награда за архитектура за 2017 година, за објектот за полнење и флаширање на природна вода „MAYA“ .
Објектот е изграден во периодот од 2014 до 2017 година, на површина од околу шест илјади квадратни метри, и се наоѓа во близина на селото Гари, на 10 -тина километри североисточно од Дебар. Изворската вода се црпи од извори оддалечени на 4 километри од самата локација.
Авторот за Сакамдакажам.мк вели дека објектот е осмислен како една целина еден кубус во кој има повеќе програмски функции. Грубо тој е поделен на административен блок со гардероби и санитарии, и производствен дел со влезен и излезен магацин и останати придружни содржини.
Во склопот на административниот блок е организиран и простор за привремено сместување и на неколку апартмани кои се за внатрешни потреби на самата компанија (поради лоцираноста на објектот подалеку до урбаните средини и понекогаш лошите временски услови) како и простории за одмор на вработените.
Конструктивно објектот е решен воглавно во армирано -бетонска конструкција и комбинација на челична конструкција
-Објектот е осмислен како два кубуса кои навлегуваат, допираат и продираат еден во друг, секој со својата одредена функционалност. Ова преплетување на волумените е запазено и на ниво на продирање на кубуси, отворање и затворање на простори, но истото е целосно транспарентно без некои видливи пречки. Објектот обликовно е осмислен како еден бран кој почнува, извира од теренот со сета своја магична енергија и полека вертикално се издигнува додека не премине во кровната брановидна конструкција, како некоја блага падина која на крај завршува со вертикално нагласениот административен блок- вели Карангелов за СДК.МК.
При употребата на завршните материјали за надворешниот изглед на објектот во најголема мера и најдоминатна улога има дрвото (природен материјал) и истото се користи без никаков прекин и во внатрешноста на објектот. Користено е дрво, тип сибириски ариш (кој е доволно издржлив за локации со поекстремни временски услови).
Вториот доминантен материјал е црниот рамен лим, користен како покривен материјал за самата хала, со чија употреба е нагласена брановидната форма. Трет користен материјал е природниот камен и тоа како надворешно-обликовен материјал кој продира со својата присутност внатре во објектот оформувајќи цели кубуси изработени завршно со природен камен.
-Идејата за ваквиот материјал односно изгледот на каменот (набавен локално) и асоцијацијата на природата е користена и за сите надворешни пешачки комуникации, како тротоари и слично кои се изработени во принтан бетон со завршна структура на камен без фуги како цели камени грамади во темна боја. Секако последен во овој список, но далеку од небитен (напротив) е присуството и употребата на транспаретното стакло за фасадното обликување како на халата, така и на административниот блок, а и внатре низ објектот- додава авторот.
Архитектот вели дека овој објект нема за цел само да ја задоволи основната функција на сите простории внатре низ објектот, ниту да ја задоволи само основната функција на еден индустриски објект за полнење вода.
-Овој објект има пред сè нагласена цел и идеја да ги задоволи сите функции и потреби, но да ги задоволи и потребите на локацијата, да се грижи за своите вработени, да овозможи еден хуман простор за работа, да ослободи од стегите на класичната поделба на внатре и надвор- вели Карангелов.
Големата годишна награда за реализирано дело од областа на архитектурата, која традиционално се организира под покровителство на Претседателот на Македонија е спонзорирана од Македонската авторска агенција и поддржана од Министерство за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.