| четврток, 6 декември 2018 |

Камионот цел ден го ваделе од насипот, штета над 200 илјади евра: Фотографии од сообраќајката во која Македонец излета од пат во Германија

Македонски возач на камион со бугарски таблички пред две недели беше дел од верижен судир со уште две патнички возила, по кој излета од автопат во Германија и се преврте. За среќа, 57-годишниот возач поминал без посериозни повреди.

Несреќата се случила на автопатот А2 во областа Бонеберг – Лое, во правец кон Дортмунд, а како можна причина полицијата ја наведува прекумерната брзина на движење на двата автомобили на лизгавиот коловоз од снегот што паѓал.

Виновник за судирот бил 47-годишниот возач на автомобил „голф“ од Лудвигсфелд, кој се движел на крајната лева лента и изгубил контрола врз возилото, по што удрил во „пежо“ во средната лента управувано од 55-годишен жител на Хамбург. Тој потоа се судрил со камионот кој движел на десната лента.

Како резултат на судирот, 40-тонскиот камион натоварен со камења се излизгал од десната страна на патот, ја пробил заштитната ограда, се спуштил надолу по насипот и се превртел. „Пежото“ застанало половина на оградата, а другата половина висела на насипот. Возачите на двата автомобили биле повредени во несреќата и префрлени со амбулантни возила во болница.

Камионот цел ден бил извлекуван со кран од дното на насипот, а товарот во текот на ноќта бил натоварен на палети и транспоиртиран со контејнер, по што коловозот бил исчистен од остатоците од судирот.

За тоа време биле затворени за сообраќај две ленти, од што се создала колона од четири километри во насока кон Дортмунд.  Вкупната предизвикана штета од судирот е проценета на 200.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top