Бројните обвиненија за сексуално вознемирување погодија многу американски институции во 2017 година, вклучувајќи ги и Конгресот, медиумите и филмската индустрија. Бројни угледни и моќни мажи досега беа суспендирани, отпуштени или принудени да поднесат оставка од истакнатите позиции, поради обвиненија за сексуално злоставување или дури напад на жени, инциденти, кои во некои случаи се одиграле и пред повеќе години или децении.
Бранот на нови обвиненија почна во октомври, со Харви Вајнстин.
Славниот продуцент беше разоткриен како предатор кој напаѓал млади актерки, кои сакале да работаат за неговата компанија. На крај, повеќе од 80 жени го обвинија Вајнстин. Кога некои познати личности јавно се огласија, други жени добија храброст да ги раскажат своите стории. За изненадување, се случи домино, или како што сега го нарекуваат „Вајнстин ефект“, кој погоди многу други моќни мажи.
„Оваа тема е сега во прв план“, вели Мелиса Силверстајн, блогерка од веб сајтот „Жени и Холивуд“.
Скандалите се проширија. Од Холивуд, преку медиуми, до комичари, познати готвачи, музичари, па се до политичари.
Американскиот сенатор Ал Франкен беше обвинет дека непристојно допирал новинарка на радио, додека таа спиела и ја бакнувал на сила, додека биле на една хуманитарна турнеја. Тоа беше прва од неколкуте жалби, а Франкен потоа си поднесе оставка.
Конгресменот Џон Конјерс, еден од законодавците со најдолг стаж во Конгресот, исто така си поднесе оставка после обвиненија, кои ги изнесе жена која била дел од неговиот тим.
Во друг случај, најмалку девет жени го обвинија Рој Мур, републикански кандидат за сенатор од Алабама, за сексуално непристојно однесување во минатото. Многу од тие девојки во тоа време биле тинејџерки.
„Бев преплашена, мислев дека ќе ме силува“, раскажа за новинарите Беверли Јанг Нелсон.
Мур ги негираше сите обвиненија.
Мур изгуби на изборите, а прв пат по речиси 30 години Алабама избра демократски сенатор.
За само три месеци, повеќе од 60 мажи си поднесоа оставка, беа отпуштени или суспендирани поради обвиненија за сексуално злоставување и вознемирување.
Оваа тектонска промена во социјалните ставови започна со кампања на социјалните мрежи. #MeToo стана движење кое охрабри многу жени да ги раскажат своите приказни кои досега ги чувале во тајност.
Магазинот „Time“ за личност на годината прогласи жени и мажи кои зборуваа за злоставувањето. Целото издание беше посветено на оние кои обвиниле моќни личности за сексуални престапи – нарекувајќи ги „гласови кои започнаа движење“.
Откритијата од 2017 година, исто така довеа до организација на часови во бројни корпорации, на кои се учи како да се интервенира и како да се препознае жртва.
Сите обвиненија имаа и ефекти. И мажите и жените сега се свесни за дефиницијата на сексуалното вознемирување, па сигурно е дека ова повеќе нема да биде ниту оправдано или пак игнорирано.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


