| четврток, 6 декември 2018 |

Николас и Луси се имињата на близнаците на Ана и Енрике (видео)

Во светските медиуми вчеравечер одекна веста за тоа дека познатата двојка Енрике Иглесијас (42) и Ана Курникова (36) станаа родители.

Тие им посакаа добредојде на близнаците кои, како пренесува „ТМЗ“ ќе се викаат Николас и Луси.

Двојката мошне умешно успеа да ја сокрие бременоста, па вчерашната вест беше комплетно изненадување за сите.

Она што е исто така познато е дека Ана се породила на Мајами, а дека само семејството и најблиските пријатели знаеле за тоа.

Инаку, двојката е заедно од 2001 година, а нивните заеднички појавувања последниве години се сè поретки. Во медиумите дури и се појави вест дека можеби веќе не се заедно, но благодарение на Инстаграм профилот на Ана, која стави фотографија на која се Енрике, таа и нејзиниот брат, оваа вест беше демантирана.

Исто така, се појавија шпекулации дека двојката направила и свадба, но тоа сепак не е точно. Двајцата во различни пригоди изјавија дека не размислуваат на такво нешто.

-Сакам да имам деца, мои или да посвојам. Сакам да се грижам за луѓето. Но, бракот не ми е важен. Во среќна врска сум и тоа е сè што е важно. Верувам во посветеност, но исто така во доверба, отвореност и почит, изјави Курникова во едно интервју од 2011 година.

Пејачот пак, неодамна на еден концерт ја претстави како негова жена, што повторно различно се толкуваше, но тој го мисли истото што и тенисерката.

-Во среќна врска сме… Заедно сме повеќе од деценија и ние функционираме како да сме во брак, само што официјално не сме отишле до олтарот. Но, сметам дека нема некоја разлика, вели Енрике.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top