| четврток, 6 декември 2018 |

Арнаудов: Сите неправедно притворени се чесни луѓе, македонскиот народ е со нив

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протестите за правдина, од денеска тие секој втор ден ќе одржуваат и пред истражниот затвор во Шуто Оризари, не само пред Министерството за правда. Пред граѓаните денеска се обрати Ламбе Арнаудов. Тој кажа дека луѓето кои доаѓаат на протест се храбри луѓе и се цвет на овој народ.

-Вистина е дека храбрите луѓе имаат многу потешкотии во животот, вистина е дека храбрите луѓе многу пократко живеат, но тие кои не се храбри и се од другата страна тие воопшто не живеат, изјави Арнаудов.

Тој се обрати и до неправедно притворените во истражниот затвор во Шутка.

-Господине Владо Јовановски, низ својата кариера имаш одиграно многу улоги на македонски дејци, војводи и комити, одлично си ја завршил својата улога. Господине Игор Дурловски, низ сите светски метрополи ги имаш овековечено ликовите од многу опери и таа работа одлично ја имате завршено. Истото е и со Борис Дамовски и со Матко Чавков, кој е чесен Македонец и многу голем хуманист, изјави Арнаудов.

Тој кажа дека сите уапсени тука се чесни луѓе, како Богдан Илиевски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски…

-Вие браќа и сестри јунаци, кои ние овде ве чувствуваме како наши сострадалници, вие денеска ја играте вашата улога во најголемиот отворен амфитеатар кој го направила човечката цивилизација, што се вика Македонија, изјави Арнаудов.

Тој кажа дека нивната публика е македонскиот народ и тој ги наградува со Оскар за животно дело, а на оние кои што го вршат овој политички прогон ќе им остане срамот. Арнаудов порача и да им се живи и здрави дечињата на неправедно притворените, како и сите други дечиња на светот.

-Плачот што се слуша на овие дечиња, крикот на вашите татковци и гласот на вашите мајки што се слуша, гласот кој се слуша од сите вас овде, гласот кој што се слуша и кога нема никаков глас, тоа е гласот на народот, изјави Арнаудов.

Тој кажа дека сите оние кои ја сакаат својата татковина, кои ја чуваат својата татковина го слушнале гласот на Господ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top