Откако Министерството за култура го објави својот буџет за 2018 година, во кои Агенцијата за филм доби помалку наменски средства за разлика од минатата година, на социјалните мрежи се разви дебата, а денеска пред Министерството за култура имаше и протест на филмските работници. Тие со отворено писмо се обратија до Министерството за култура, Министерството за финансии, кабинетот на Претседателот на Владата, Агенцијата за филм, Друштвото на филмски професионалци и медиумите. Ова е интегралниот текст на писмото:
Со ова писмо, ние, филмските професионалци од Република Македонија, незвисни филмски автори, незвисни продуценти и слободни филмски работници, го изразуваме нашиот револт кон одлуката на Министерството за култура, во предлог буџетот за култура за претстојната година да изврши кратење на средствата наменети за филм.
Живееме во време, во кое филмот и останатите аудио-визуелни уметности доживуваат невидена експанзија на планетарно ниво. Во целиот свет, а посебно во рамки на Европската унија, буџетите за филм перманентно се зголемуваат. Во последнава декада, а како последица на дигиталната ера и експанизјата на новите медиуми, продукцијата на филм е повеќекратно зголемена.
Филмот, и во дваесет и првиот век, останува водечки медиум кога е во прашање културното влијание. Филмот и понатаму е најмоќната промотивна алатка преку која се потврдува постоењето и идентитетот на една нација. Тој има моќ да патува брзо, на сите континенти, да пренесува мечти, идеи и пораки, да потврдува и негира, да спори и вреднува.
Нашата филмска продукција е во развој. Ние, филмските професионалци, сме наполно свесни дека помеѓу делата кои ги создаваме, има катастрофални промашувања и дека меѓу нас, за жал има и залутани поединци и нечесни профитери. Посебно во последниве десетина години. Но, исто така, помеѓу нас се и авторите кои со своите дела, под знамето на Македонија настапуваат на најпрестижните светски филмски случувања. Зарем не сме сите свесни дека меѓународниот успех на македонската култура, неспорно и во најголема мера, му припаѓа на филмот. Ако ги погледнеме учествата на меѓународните фестивали, наградите на фестивалите од А и Б категорија, ќе ни стане јасно дека македонскиот филм, толку критикуван, често оспоруван и стигматизиран, со сите свои маани и “детски болести” е сепак, ако не највредниот, тогаш барем најуспешниот извозен културен производ на оваа земја.
Во последниве две децении во Македонија се гради независната филмска продукција по европски терк и ние со забрзани чекори се интегрираме во европското филмско семејство. Кратењето на средствата за филм, во време кога државниот буџет и буџетот за култура се зголемуваат, а Aгенцијата за филм се гуши во наследени долгови, значи директен удар кон и онака крефката македонска филмска продукција.
Аргументациите дека и со помалку пари се прават добри филмови се точни, но само како исклучок, а не како правило. Аргумнтациите дека се давале пари, а филмовите биле лоши се точни, но за едни други времиња, во кои доделувањето на средствата многу често беше политичка одлука. Зарем не се боревме сите заедно против таквото општество? Најголем дел од нас, филмските професионалци, автори и филмски работници, стоевме на бедемот на отпорот, во борба за подобро општество, за систем на вредности во кој филмот ќе биде ослободен од стегите на политиката, ослободен од натрапници и профитери, а достапен за талентираните, посветените и успешните.
Затоа, почитувани претставници на власта, најљубезно ве молиме и од вас искрено очекуваме да ја преиспитате оваа одлука. Убедени сме дека при донесување на конечната одлука околу ставката во националниот буџет која се однесува на филмската дејност, ќе ги земете предвид сите фактори, европските искуства и стандарди, а највеќе од се тенденцијата за развој и напредок на македонската кинематографија, актуелните генерации филмски творци и оние кои доаѓаат.
На крајот, дозволете во име на фелата да предложиме средба на нашите претставници и претставниците на Агенцијата за филм со Министерот за култура и останатите релевантни политички чинители и во духот на заедничките вредности кои ги споделуваме, да ги соочиме аргументите и да изнајдеме заеднички јазик, за доброто на македонскиот филм и уметничките достигнувања за кои се залагаме.
Со почит, Скопје, 15. декември, 2017
Независни филмски автори и продуценти, слободни филмски работници, членови на Друштвото на филмски професионалци на Македонија и други релевантни меѓународни организации од областа на филмот.
Од Министерството за култура, пак, известија дека имаат целосно разбирање за барањата за достоинствен третман на филмската дејност изразени на денешниот протест на филмските работници.
-Нашите цели се заеднички. Цел и заложба на Министерството за култура и на Владата на Република Македонија е Агенцијата за филм да има добар буџет, кој ќе успее да реализира квалитетни филмски проекти што се од интерес на граѓаните и Република Македонија, се вели во реакцијата од Министерството за култура.
Нагласуваат дека доколку добијат квалитетни проекти, средства ќе се најдат или преку пренамена или преку ребаланс на буџетот.
-Наша намера не е да се одделат средства и тие да лежат непродуктивно на сметки на институциите, туку да се трошат според бараната динамика на проекти кои се во интерес на граѓаните. Доколку филмските работници предложат и донесат такви проекти, ние со задоволство ќе ги поддржиме и подготвени сме во таа смисла и да го зголемиме буџетот, се вели во реакцијата од Министерството.
Министерството побара од филмските работници да предлагаат реални буџети и рамки во кои ќе се движат продукциските и други трошоци во согласност со актуелниот стандард на граѓаните во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.