Во Кинотеката на Македонија вечер од 20 часот во рамки на вториот Меѓународен фестивал на филмска монтажа „Синематик“ ќе му биде врачена наградата за животно дело на годинашниот лауреат – познатиот екс-ју монтажер Андрија Зафрановиќ.
Зафрановиќ во 11 часот ќе одржи мастер-клас на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во негова чест на фестивалот „Синематик“ се прикажува филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ.
Наградата ја доделуваат Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија и Филмскиот фестивал „Синематик“ посветен на монтажерите.
Зафрановиќ е познат по монтажата на „Татко на службен пат“ и „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, „Балкански шпион“, а во последно време работеше на три македонски филма – „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески, „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, како и на малцинската македонска копродукција „Устав на Република Хрватска“.
Андрија Зафрановиќ (1949) дипломирал на катедрата за филмска и ТВ монтажа на ФАМУ во Прага. Со години беше редовен професор и шеф на катедра на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2009 година е редовен професор на ФАМУ во Прага. Има освоено три награди „Златна арена“ за монтажа на филмскиот фестивал во Пула за филмовите: „Кралски воз“ (1981), „Балкански шпион“ (1984), „Вечерни ѕвона“ (1986).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.