| четврток, 6 декември 2018 |

Риаола бара да му се раскине договорот на Донарума со Милан

Агентот на најталентираниот италијански голман Џанлуиџи Донарума, Мино Риаола побарал раскин на договорот кој неговиот клиент го потпиша со Милан во јули, а чуварот на мрежата се жали дека бил жртва на морално насилство.

Изминатово лето, Џиџо Донарума се најде во центарот на вниманието откако одби да ја продолжи верноста кон „росонерите“ по што го навлече гневот на фановите. Тинејџерот потоа се предомисли и стави потпис на нов договор со кој стана еден од најплатените играчи во Серија А со примања од 5,5 милиони евра по сезона, а му обезбеди и милионски договор на неговиот брат, кој беше донесен на Сан Сиро како еден од условите.

Се веруваше дека Мино Риаола е главен виновник за драмата која настана, а според пишувањата на Кориере дела Сера, контроверзниот агент сега им приредува нов шок на фановите на Милан.

Весникот пренесува дека адвокат од тимот на Рајола ги известил лидерите на Милан дека бараат да биде раскинат новиот договор кој летоска го потпиша Џиџо Донарума на основа на морално насилство кое го претрпел младиот Италијанец. Како што пишува Кориере дела Сера, Мино Риаола не бил присутен во канцеларијата на Милан кога се потпишувале документите, а и самиот адвокат си заминал во знак на протест.

Ова барање е поткрепно со документ од самиот Џиџо Донарума, кој се жали дека бил цел на психолошки притисок и ги потпишал документите без неопходниот мир. Па тие се повикуваат на членот 1435 од Цивилниот Код на Италија и бараат да биде раскинат договорот.

Риаола исто така се жали поради тоа што Милан до фудбалските власти ги нема доставено документите за откупните клаузули на Џиџо Донарума. Двете страни се договорија голманот да може да замине за 40 милиони евра доколку не биде обезбеден настап во Лигата на шампионите, и 70 милиони евра доколку „росонерите“ играат елитен фудбал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top