| четврток, 6 декември 2018 |

„Исцелител“ доби награда во Брисел и ѕвездена рецензија во „Холивуд Репортер“

Далтон го издвојува и протагонистот Благој Веселинов како „згоден и пријатен на еден неуреден и потиштен начин“ и заклучува дека постои можност и за англиски римејк на филмот, предложувајќи ги Вуди Харелсон или Метју Меконахи како одличен избор за главната улога

Уште една фантастична рецензија за македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески пристигнува директно од домот на светската филмска индустрија, Холивуд, и од едно од најзначајните филмски списанија во светот, „Холивуд Репортер“. „Холивуд Репортер“ е дигитално и печатено филмско списание основано во 1930-та година, чиј главен фокус е холивудската филмска и ТВ индустрија.

Известувајќи од меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој се одржа од 17-ти ноември до 3-ти декември 2017 година, Стивен Далтон од „Холивуд Репортер“ вели дека Ставрески со неколку свои тајни состојки успешно го надминува локалниот контекст и го придвижува филмот кон „универзално-препознатливиот терен на нерешени семејни проблеми, опасното суеверие и исцелителната моќ на љубовта“.

„’Исцелител‘ е неочекуван трагикомичен ’дијамант‘ кој освен фестивалските кругови може да ги шармира и независните дистрибутери“, вели Далтон.

Понатаму во рецензијата, Далтон го издвојува и протагонистот Благој Веселинов како „згоден и пријатен на еден неуреден и потиштен начин“ и заклучува дека постои можност и за англиски римејк на филмот, предложувајќи ги Вуди Харелсон или Метју Меконахи како одличен избор за главната улога.

Покрај ѕвездената рецензија во „Холивуд Репортер“, Ставрески доби и посебно признание за сценариото на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел, на кој „Исцелител“ ја имаше својата премиера на 5-ти декември и второ прикажување на 6-ти декември, во склоп на официјалната натпреварувачка програма на фестивалот. Медитеранскиот филмски фестивал се одржува секоја година во декември и покрај натпреварувачката програма има и премиерно прикажани филмови, најдобри филмови и документарци, дискусии, средби со режисери, како и концерти, диџеи и медитерански пазар.

На меѓународниот филмски фестивал од „А категорија“ „Црни ноќи“ во Талин, „Исцелител“ ги распродаде сите три прикажувања и ги импресионираше светските критичари, добивајќи исклучителни рецензии во некои од највлијателните филмски списанија, како „Варајети“, „Скрин дејли“ и други значајни списанија и блогови. Филмот исто така беше прикажан и на уште еден меѓународен филмски фестивал од „А категорија“ во Индија – Гоа (ИФФИ).

Претходно, „Исцелител“ оствари фантастичен успех на својата премиера на Солунскиот филмски фестивал, каде ја освои наградата од публиката и стана дел од историјата како прв македонски филм кој освоил награда на овој фестивал. „Исцелител“ моментално се прикажува во кината Милениум и Синеплекс, а од 22 до 24 декември ќе се прикажува и во 3Д Кино Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top