| четврток, 6 декември 2018 |

Андрија Зафрановиќ: Наградата на „Синематик“ е доказ дека е исправно што животот му го посветив целосно на филмот

Оваа награда за мене значи многу, бидејќи е прва од ваков вид. Тоа е признание кое ми дава за право да мислам дека е исправно што својот живот му го посветив целосно на филмот. Во Скопје доаѓам со големо почитување кон македонскиот филм, македонската култура и моите пријатели, вели Зафрановиќ во интервју за „Република“

Еден од петте најдобри европски филмски монтажери Андрија Зафрановиќ е добитник на наградата за животно дело на второто издание на филмскиот фестивал посветен на монтажерите „Синематик“. Зафрановиќ ќе биде гостин на фестивалот од 14 до 16 декември, кога ќе ја прими наградата од Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија.

Андрија Зафрановиќ е познат како монтажерот на „Татко на службен пат“ и „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, „Балкански шпион“, а во последно време работеше на три македонски филмови „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески, „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, како и на малцинската македонска копродукција „Устав на Република Хрватска“ од Рајко Грлиќ. Тој ќе ја прими наградата во Скопје за време на одржувањето на второто издание на фестивалот „Синематик“ од 14 до 16 декември и ќе одржи мастерклас на 15 декември на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Зафрановиќ е роден е во Масленица на 15 август 1949 година. Во 1975 година дипломирал на катедрата за филмска и ТВ монтажа на ФАМУ во Прага, каде на други катедри се школуваа познати режисери од поранешна Југославија, како што се: Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Емир Кустурица, Рајко Грлиќ, кинематограферите Предраг Поповиќ и Живко Залар, неговиот брат Лоран Зафрановиќ. Работел како монтажер, супервизор на монтажа и драматург. Со години беше редовен професор и шеф на катедра на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2009 година е редовен професор на ФАМУ во Прага.

Соработувал со режисерите: Бато Ченгиќ, Александар Ѓорѓевиќ, Живко Николиќ, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и ја работеше монтажата на целокупниот филмски опус на покојниот Драган Кресоја. Тој има освоено три награди „Златна арена“ за монтажа на филмскиот фестивал во Пула за филмовите: „Кралски воз“ (1981), „Балкански шпион“ (1984), „Вечерни ѕвона“ (1986).

Фестивалот „Синематик“ во Скопје ќе биде отворен со премиера на филмот „Скршено“ на 14 декември во киното „Фросина“. Во чест на добитникот на наградата за животно дело Андрија Зафрановиќ во петок, во „Фросина“ ќе биде прикажан „Устав на Република Хрватска“. Во рамките на тродневната програма на „Синематик“ ќе бидат прикажани шест филмови во официјална конкуренција во киното „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

Во пресрет на фестивалот „Синематик“ порталот „Република“ направи интервју со годинешниот добитник на наградата за животно дело. Со Зафрановиќ разговаравме за тоа како се прават добри монтажи, за неговиот процес на работа и соработката со најдобрите автори од регионот, но и за работата со македонските режисери и иднината на европскиот филм во однос на американскиот.

Господине Зафрановиќ, вие сте еден од петте најдобри монтажери во Европа. Работевте на повеќе од 80 филма и тв-серии. Во што е тајната на добрата монтажа на филмот?

Зафрановиќ: Тајната на добрата монтажа на филмот е иста како и тајната на добриот филм. Монтажата е составен дел на режијата, односно таа е третата фаза во создавањето на филмот. Добар филм е оној филм кој ги задоволува сите уметнички и естетски критериуми кои треба да ги има секое уметничко дело.

Долги години работите како професор по филмска монтажа во повеќе европски градови. Кои филмови им ги препорачувате на своите студенти и што е најважно за еден добар филм?

Зафрановиќ: На студентите, но и на многумина режисери секогаш им препорачувам филмови и автори кои ја сфатиле суштината на овој медиум. Во прв ред тоа е „Андреј Рубљов“ на Русинот Андреј Тарковски, „Јол“ на курдскиот филмски режиер Јилмаз Гинеј, добитник на „Златната палма“ во Кан во 1982 година и  „Вечност и еден ден“ на Тео Ангелопулос, грчки режисер, сценарист и продуцент, исто така добитник на „Златната палма“ во Кан во 1998 година. Често препорачувам филмови според правци и теми како што се италијанскиот неореализам, германскиот експресионизам, новиот француски бран, чешкиот филм и северноевропскиот филм.

Како може да препознаете кога еден филм се прави за да добие голема награда, а не за да биде добар?

Зафрановиќ: Кога работите, вие не мислите на наградите, туку на филмот. Наградите доаѓаат како последица на добрите филмови. Моите филмови имаат добиено илјадници награди по светот, што говори за тоа дека нивните вредности биле препознаени и дека некому му пружиле задоволство.

Во Вашата долга и богата кариера често работевте на филмови во кои или ги спасувавте режисерите или пак филмот, а често и двете работи. Дали е тоа комплимент за Вас и за Вашата работа? Или пак тоа е пат по кој другите ретко одат?

Зафрановиќ: Јас во филмот одам по сите патишта, а најмалку се занимавам со класична монтажа. Одамна ја надминав таа фаза. Монтажата како занает за мене е само средство за изразување кое ми овозможува авторски да се поставам во однос на делото кое го работам. Често влегувам во „реанимација“ на филмовите кои имаат помали или поголеми проблеми. Во прв ред тоа ќе му помогне на филмот, а дури потоа на режисерот и продуцентот. Секогаш е делото, односно филмот на прво место.

Не одите често на фестивали, изјавивте дека не сте одушевени од тие надворешни манифестиации на филмот. Што повеќе ве интересира? Можеби самиот процес на создавање?

Зафрановиќ: Се разбира дека после толку многу години работа на филм ме интересира само процесот на создавање. Сѐ друго за животот на филмот го слушам од режисерот и продуцентот. Јас филмот го доживувам во еден момент во монтажата. Тој момент, со оглед на искуството, е скоро предвидлив и тоа е знак дека e филмот готов. Тоа е оној момент кога јас и режисерот сме максимално задоволни и возбудени.

Во Скопје ќе ја примиете наградата за животно дело кое ја доделува Асоцојацијата на филмски професионалци на Македонија и фестивалот „Синематик“, кој е посветен на работата на монтажерите. Ќе одржите и мастер клас на ФДУ. Се радувате ли на оваа посета и што значи оваа награда за вас?

Зафрановиќ: Оваа награда за мене значи многу, бидејќи е прва од ваков вид. Тоа е признание кое ми дава за право да мислам дека е исправно што својот живот му го посветив целосно на филмот. Во Скопје доаѓам со големо почитување кон македонскиот филм, македонската култура и моите пријатели.

Какво е вашето мислење за македонскиот филм и кинематографијата?

Зафрановиќ: Македонската кинематографија има свое место во европскиот културен простор и покрај фактот што малку се прават филмови. Така е впрочем и во сите други мали земји. Филмот е многу скапа уметност, која најчесто не ги враќа вложените пари. Но, филмот е важен за земјата од која доаѓа, односно тој е духовен опстанок во пошироска смисла на зборот.

Андрија Зафрановиќ со екипата на филмот „Устан на Република Хрватска“

Долги години работите со најдобрите автори од регионот како Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Емир Кустурица кому сте и венчан кум. Работевте и со македонските режисери – Антонио Митриќески, Игор Трајков, Горан Тренчовски. Какви се за соработка?

Зафрановиќ: Со сите нив работев со големо уживање. Создавањето е игра, а со тоа и големо задоволство и радост. На крајот на сите тие филмови, иако можеби имало проблеми во процесот на работа, сѐ завршува среќно. Сите сме задоволни, а филмовите имаа интересни животи.

Дали денес филмот почнува да ја губи приказната? Има се помалку филмови во кои има класична нарација, на сметка на визуелизацијата, односно техниката и спектаклите?

Зафрановиќ: Филмот денес не ја губи приказната само затоа што има сѐпомалку добри сценарија, туку и затоа што начинот на правење на приказната е многу сменет. Прво, документарниот филм е многу побрз од играниот филм и тој сите теми ги обработува многу побрзо. Така тој ги троши темите. Второ, јазикот на филмот исто така се менува, што е резултат на влијанието на другите визуелни форми. И трето, драматуршки, играниот филм се менува под влијание на другите уметности кои се составен дел на неговото битие. За класиката, односно нарацијата, може да се каже дека таа помалку исчезнува.

На телевијата, но и во кината, ретко има европски филмови, освен ако не станува збор за фестивали, или некои специјализирани циклуси филмови. Дали европските кинематографии се затворија во своите локлани дворови?

Зафрановиќ: Европските кинематографии не се затворија, но американскиот филм со својата агресија и глобална доминација му оневозможи на европскиот филм да се најде на репертоарот. Американците, главно, се сопственици на поголемиот број кино сали и тие го одредуваат репертоарот, протежирајќи го американскиот филм. На тој начин тие го маргинализираат европскиот филм.

Дали иднината на европскиот, па и на овие нашивте, регионални филмови е во копродукцијата?

Зафрановиќ: Денес е тешко финансиски да се затвори еден филм без копродукција. Сите филмови кои ги работев во последните години, беа копродукција. Државите одвојуваат толку малку пари, така што е невозможно да се направи еден нормален, достоинствен филм. Во регионот, тоа е единствена шанса, со взаемна помош да се направи пристоен филм. Освен тоа, копродукцијата е и културна соработка која на сите им носи добро во смисла на различни културни традиции кои на овој начин се дополнуваат и збогатуваат.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top