| четврток, 6 декември 2018 |

Венус Вилијамс по 16 години не игра на Вимблдон

Петкратната шампионка на Вимблдон, Венус Вилијамс, нема да игра на Вимблдон поради повреда на грбот, со што ќе ја прекине низата од 16 настапи на гранслемот во Лондон. Венус не пропушти ниту едно издание на турнирот од 1997 година кога првпат настапи на терените на Ол-Ингланд клубот, а патем дури 5 пати славеше.

Нејзината помлада сестра Серена ќе биде прва носителка, а доаѓа во Лондон во страшна форма со освоена титула на Ролан Гарос. Таа е во серија од 31 победа и има шанса да го урне рекордот на Венус, која во 2000 година нареди 35 победи едноподруго.

Кај мажите, организаторите на Вимблдон немаа милост кон двојниот шампион на турнирот Рафаел Надал и го рангираа како петти носител, според моментната позиција на светската ранг-листа. Челните луѓе на турнирот имаат право да отстапат од правилата и да ги поместат тенисерите, без разлика на кое место се на листата на АТП. Се очекуваше Надал да биде барем четврти носител, пред сонародникот Давид Ферер, кој нема забележителни резултати на Вимблдон, но тоа не се случи. Сега Надал ќе мора да игра против еден од најдоброрангираните 4 тенисери уште во четврт-финалето. Прв носител е Новак Ѓоковиќ, зад него е најтрофејниот Роже Федерер (7 титули на Вимблдон, вкупно 17 на гранслемовите), па Енди Мареј и Давид Ферер.

Турнирот почнува на 24 јуни, а ќе се игра до 7 јули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top