| четврток, 6 декември 2018 |

Сведоштво на жители на Аеродром: Како ги спасувавме децата од бесниот ротвајлер (видео)

Кучиња дивејат во Општина Аеродром. Девет лица завршиле на инфективна клиника откако вчера беа нападнати од куче во Ново Лисиче. Вистинска драма се случувала на Асном 18. Разбеснетото куче најпрво нападнало едно од децата кои играле пред својата зграда. Го гризнало по раката и не го пуштало. Децата врискале и плачеле а кучето не плашејќи се од никого почнало да напаѓа се околу него.

На повикот за помош дотрчале родителите на едно од децата а кучето и нив ги изгризало. Пред камерата на Сител сведочеше дедото кој со голи раце се борел да ги одвои од бесното куче, јавува ТВ Сител.

– Јас со мои раце го спасував детето. Кучето го држеше и несакаше да го пушти ни него, ни татко му, еве овде беше се – вели жител на Аеродром.

Со длабоки рани завршија и две момчиња на возраст од 14 и 15 години. Од ифективната клиника информираат дека на сите им е дадена терапија против беснило. Синот на Никола се здобил со рана длабока 8 сантиметри. Фотографии од другите нападнати деца беа објавени и на социјалнит мрежи. Родителите од ова маало се едногласни, нема да ги пуштаат децата да одат на училиште бидејќи населбата не е безбедна.

– Парче месо од 8 сантиметри му откина, го однесовме во болница и го санираа, вели Никола Поповски

Децата доживеале голема траума а овој инцидент ги вознемири и исплаши и возрасните. Пред зградата наидовме на голем број станари кои раскажуваа за вчерашниот инцидент. Велат населбата е преполна со кучиња кои постојано напаѓаат и најавија заедничка тужба до градот Скопје. Случајот во полиција го пријавиле 6 лица.

– Две возрасни жени и 4 деца со нив пријавија напад од куче, соопштија од МВР

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска не беше достапен за одговор како ќе постапат по најавените тужби и поплаките од граѓаните за кучињата кои демнеат по скопските населби. Одговор побаравме и од шефот на неговиот кабинет кој рече дека во негово отсуство не се надлежни да даваат изјава. Кучето се уште е на слобода. По синоќешниот инцидент избегало во правец накај последната автобуска станица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top