Писателот Венко Андоновски во својата најнова колумна се приклучи кон критиките за тешките измислени обвиненија и притвори за тероризам, во врска со настаните во Собранието од 27 април. Андоновски пишува дека нема ништо полошо за една држава кога уметник оди во затвор.
– Притворањето уметници, и тоа врвни, не е мала работа, туку вистинска „голема нужда“. Нема полошо за една држава и за нејзиниот меѓународен рејтинг од тоа кога уметник оди во затвор (или притвор, сеедно). Меѓународниот ПЕН постојано решава такви случаи по „банана-републики“. За идеи и соништа не се суди, се суди за кривични дела. Лошо е тоа за угледот на Македонија, особено ако уметникот со свои раце не нападнал никого, пишува Андоновски во колумната за „Нова Македонија“.
Тој додава дека случаите како Ристо Шишков сме мислеле дека се зад нас, но по толку години повторно има такви споредби, кои според писателот, се жални.
– Некаде деновиве прочитав дека некој го спореди Јовановски со Шишков, за жал, не според талентот, туку според „судбината“! Жални се тие споредби по толку години! Мислевме дека со случаите како Ристо е готово! И со случаите како оној на драгиот Јован Котески, исклучителен поет, човек што на мравка не газеше, а беше обвинет во минатиот социјалистички режим за злосторничко здружување (бомби, пиштоли) против уставниот поредок на СФРЈ! Тоа се трагедии на кои човек може само хистерично да се смее, пишува Андоновски.
Тој нагласува дека рацете на уметниците не се крвави.
– Затоа, како уметник, јавно ги молам сите оние што имаат моќ и добра волја во оваа држава, да престанат со лепење етикети на уметниците. Рацете на уметниците не се крвави. На нив евентуално може да има – мастило. А тоа не убива, ниту ќе го најдете во вообичаената терористичка опрема, ја завршува писателот Андоновски својата колумна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.