| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски до Дескоска: Битно е нешто да се прави колку да се прави, сѐ додека целосно не се изопачи, односно упропасти?

Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски на својот Фејсбук профил ѝ се обрато на министерката за образование Рената Дескоска по повод нејзината изјава за ревизија на учебниците. Го пренесуваме интегрално текстот на професорот Цуцуловски.

РЕВИЗОРИ НА РЕВИЗОРИТЕ. Почитуваната министерка за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, најави дека ќе се врши ревизија на учебниците, особено од областа на хуманистичките и историските науки, бидејќи во нив биле присутни бројни предрасуди, стереотипи, говор на омраза и неточни факти. Намерата е повеќе од фина. Би можело да се рече дека е дури н е в и н о фина. Сепак, фините и невините работи честопати се проследени со бројни дилеми. (1) Кој и врз основа на што ќе определува што е стереотип, а што не е? (2) Дали е говор на омраза констатацијата дека германските нацисти ја предизвикаа Втората светска војна и дека бугарските окупатори осудија на смрт и егзекутираа бројни македонски антифашисти? Или, можеби, Мирче Ацев и Страшо Пинџур ниту се бореа против бугарскиот фашизам, ниту беа погубени од неговите припадници – бугарските фашисти? (3) Министерката инсистира дека фактите се факти и дека барем на овој план не би требало да има дилеми. Меѓутоа, она што е факт за едни, не е факт за други. На пример, дали е факт дека Бог постои? Дали Австријците се дел од германската нација? Или, дали потеклото на човекот е монофилетско или полифилетско? Постоела ли Големата експлозија или светот постои отсекогаш?

Како што се гледа работата не е ниту така наивна, ниту така невина, ниту така фина, особено ако се знае дека како што и воспитувачите треба да бидат воспитувани, така и конролорите треба да бидат контролирани, како што и ревизорите треба да бидат ревидирани од некои други ревизори, а овие од некои трети ревизори… Навистина – онака, само by the way – кој ќе ги ревидира ревизорите, кој ќе ги контролира контролорите и кој ќе ги воспитува воспитувачите, особено ако се невоспитани? Кој сето тоа ќе го утврдува? Или, можеби, битно е нешто да се прави колку да се прави, сѐ додека целосно не се изопачи, односно упропасти? Патем, со што беше поплочен патот до „рајот“?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top