| четврток, 6 декември 2018 |

Љубомир Цуцуловски: Дали ќе се случеше насилното влегување во Собранието, ако на влегувањето не му претходеше претходниот чин – избор („избор“) на нов преседател?

Професорот Љубомир Цуцуловски поттикнат од вчерашната прес-конференција на премиерот Зоран Заев и претседателот на Собраниетот Талат Џафери на својот Фејсбук профил напиша:

ДАЛИ…? Потикнат од денешната прес-конференција на Зоран Заев и Талат Џафери, повторно го постирам (без измени) постот „Петли и кукурикања“ од 26.04.2018, поставен во 02:48 часот:

„Сократ, од атинските власти, бил осуден на смрт. Меѓутоа, биле свесни дека мртвиот Сократ може да биде повлијателен/помоќен од живиот Сократ. Затоа ноќта, пред да го испие отровот, овозможено им е на неговите пријатели да го посетат и да му предложат бегство. Сократ тоа го одбил, сметајќи дека законите според кои е осуден не се праведни, но дека уште понеправедно би било тие да не се почитуваат. Какви и да се – во тоа е идејата на Сократ – мора да се почитуваат. Наредниот ден го испил отровот, постапувајќи во духот на она што денес се нарекува правна држава или владеење на правото. Имено, дека секој закон е подобар од било кој незакон.

На денешен ден, пред една година, се случи нешто непознато во дотогашната историја на Република Македонија. Дел од пратениците ја продолжи работата на прекинатата собраниска седница, наспроти на Деловникот и без присуство на неговиот дотогашен претседавач, кој ја одложи нејзината работа. Токму на тој начин, се конституираше новата власт (значи, наспроти Уставот, законите и Деловникот) само затоа што некои персони сметаа дека се над законите. Практично тоа значеше примена на принципот според кој целта (во случајов, доаѓањето на власт) ги оправдува средствата, макар биле наспроти законите. Дури потоа следеше насилното влегување во Собранието, кое не може (гледано логички) да биде причина на претходните настани, бидејќи причината не може да следи после последицата. Во меѓувреме, кон едните преземени се конкретни санкции (третирајќи ги како терористи!), кон другите (кои наспроти на законите дојдоа на власт) не се презема ништо. Впрочем, тие се власта. Ова говори дека Македонија се наоѓа под нивото на 399 година п.н.е., кога Сократ (без присила) законите ги поставил над личната судбина, вклучувајќи го и животот, за разлика од денешното приватизирање на државата.

Така, започна новиот живот во Република Македонија. Затоа, во вчерашниот пост го поставив видеото со петелот, кој на необичен начин (можеби и на автентичен начин?) го најавуваше доаѓањето на новиот ден. Од тие причини, клипот го препостирам, како илустрација на ситуацијата во која Македонија се наоѓа – урнебесно кукурикање на петлите, бидејќи, ако ништо друго, барем петли имаме!“

Тоа е мојот вчерашен пост, во кој ги тематизирав (директно или индиректно) следниве прашање: (А) Според кој член од Уставот е можно п о в т о р н о давање на мандат за формирање на Влада, бидејќи оној на кој претходно му беше даден мандатот не успеа да формира парламентарно мнозинство? (Б) Според кој член (од било кој правен акт) е сменет дотогашниот претседавач да Собранието, чија работа беше прекината? (В) Според кој член (од било кој правен акт) е продолжена работата на прекинатата седница? (Г) Според кој член (од било кој правен акт) е избран новиот претседавач? (Д) Дали постои официјален записник колку пратеници гласале за избор на новиот преседател на Собранието, односно дали собраниските камери тој акт го снимиле или од тоа ништо нема? Постојат и други слични прашања. Сепак, за крај, уште едно прашање, сеедно што одговорот на него може да има само х и п о т е т и ч к а природа. Имено, дали ќе се случеше насилното влегување во Собранието, ако на влегувањето не му претходеше претходниот чин – избор („избор“) на нов преседател?
https://www.youtube.com/watch?v=AvvfLsi0u6o

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top