Колку повеќе го притискаш македонскиот народ, толку е повеќе време комитско и тоа треба да го знаат сите, особено оние од власта, порача Дарко Костовски на денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда.
Тој потенцираше дека народот е исплашен бидејќи во моментов во Македонија има полициска хунта.
-Приведуваат луѓе патриоти, кои што единствено дело им е што со цело срце ја сакаат Македонија. Приведуваат пратеници кои што се избрани од народот, на легитимни избори, кои што немаат апсолутно никакво дело. Замислете ги обвинуваат за тероризам. Ова што го прави актуелната власт, верувам во сите учебници, на сите универзитети за многу скоро, особено по политички и правни науки, ќе се учи за класичен пример како една власт во демократски услови за краток период може да прерасне во полициска хунта, ијзави Костовски.
Костовски кажа дека она што е многу важно е дека во последно директно се удира врз ВМРО.
-Тоа е така затоа што тоа е правиот начин да се удри и врз Македонија. Без силно ВМРО нема силна Македонија, без силен национален дух нема силна Македонија. Оваа болка македонскиот народ ја трпел од многу поодамна. Имало и поголеми болки, позната му е оваа болка на македонскиот народ, а позната е и на ВМРО. Но, едно треба да сфатат овие од полициската хунта, дека идејата за Македонија и идејата за ВМРО е многу стара, многу цврста, никој не успеал да ја скрши. Таа ги надживеала сите проблеми, ќе не надживее и нас, изјави Костовски.
Тој кажа дека овој народ еден ден ќе пресуди на целата оваа неправда.
-Ние ги повикуваме сите, сите добронамерни Македонци, да излезат на улица се додека не се спроведе вистинската правда и овие луѓе кои што на смешен начин се обвинети за тероризам, а сите претходно уапсени за случајот од 27-ми април. Цел народ треба да се дигне на нозе, јас тоа го чувствувам и за скоро време ќе биде така. Постои страв, меѓутоа постои многу голем мотив. Она што е многу важно е да истраеме во оваа битка, заради тоа што Македонецот е познат по тоа што секогаш истрајувал во било која битка. И да им кажеме јасно и гласно дека Македонија ќе постои, и тоа ќе постои со врвните свои начела и со врвните национални интереси, изјави Костовски.
Тој порача дека остануваат на улица се додека не победат, а како што кажа нивната победа е слобода за Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.