Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ информира дека комплетната реализација на доку-филмовите „Поинакви“ и „Поглед во очите“ им е доверена на младите учесници на работилницата „Докуникулци“ со техничка поддршка од сениорската екипа на „МакеДокс“.
Конципиран како работилница за креативен документарен филм, наменета за млади доку-љубители, проектот „Докуникулци“ се одвива во повеќе фази. Првата фаза се одржа за време на Патувачкото кино на „МакеДокс“ од 12 до 25 јули во Порече, каде десет млади филмофили од Скопје, Прилеп и Битола, се приклучија на сениорската екипа на „МакеДокс“ и со менторска настава се запознаа со основите на креативната документаристика и вештините на снимањето документарен филм. За време на Патувачкото кино беше направен ’пичинг‘ на темите кои би се обработувале во документарен филм и селекција на насловите за снимање. Втората фаза се одржа за време на осмото издание на „МакеДокс“ (19-25 август) во Скопје, каде ’докуникулците‘ беа дел од фестивалската екипа. Третата фаза од проектот го опфаќа снимањето на два креативни документарни филма.
Почнувајќи од 01 декември до 03 декември во Скопје и Велес се снимаше документарниот филм со работен наслов „Поинакви“ во режија на Розе Симоновска. Во снимањето на филмот се вклучени и Леа Димитрова како продуцент, Петар Крстевски и Бисера Атанасова работат со камерата, за звукот е одговорен Давид Стојановски, додека монтажата ќе биде на Петар Крстевски.
Во текот на оваа недела ќе се реализира снимањето и на документарниот филм : „Поглед во очите“ во режија на Јоана Арсовска, како продуценти работат Јоана Арсовска, Матеа Козовски и Севдалина Дамевска, зад камерата ќе бидат Матеа Козовски и Давид Стојановски, со звукот ќе оперираат Матеа Козовски и Стефан Божиновски, додека на монтажата на филмот ќе работат Леа Димитрова и Бисера Атанасова.
Филмовите опфаќаат несекојдневни животни приказни и ситуации за неколку индивидуи видени со очите на млади луѓе, кои горат од желба да снимаат документарни филмови. Снимањето на филмовите се одвива со менторство и поддршка од сениорската екипа на „МакеДокс“. Следната фаза на „Докуникулци“ ќе ја опфати монтажата и постпродукцијата на снимениот материјал.
Премиерата на документарните филмови ќе се одржи на следното фестивалско издание на „МакеДокс“ во 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.