| четврток, 6 декември 2018 |

Бизарни трендови во Јапонија: Изнајмуваат семејство, љубовница или домашен миленик

Јапонија е навистина поинаков свет и оние што ќе ја посетат ја доживуват како своевиден „прозорец во иднината“. Некои појави кои во таа земја се секојдневни и вообичаени, на неупатените можат да им делуваат исклучително необично, па и бизарно.
Порталот „Брајт сајд“ (BrightSide) направил список на неколку популарни јапонски трендови кои би можеле да ги шокираат пуританците. Ако мислите дека тие трендови никогаш нема да дојдат до нас, размислете. И’ караоките некогаш беа само јапонска забава…

Силиконска кукла наместо девојка од крв и месо

Мажите кои се разочарале во врските, или едноставно не успеале да најдат партнерка, дома си имаат силиконска кукла во вистинска големина.
„Тоа е девојка кој не бара пари и подароци и нема да биде љубоморна и да прави скандали“ објаснува еден Јапонец.

Изнајмуваат миленик

Изнајмувањето на домашни миленици е една од најбраните услужни дејности во Јапонија. Објаснувањето е едноставно: јапонските станови, редовно, се многу малечки и несоодветни за чување миленици, а луѓето покрај тоа имаат и премногу работа за да можат да се грижат за куче или маче.

Плаќање за разговор и прегратка

Авторот на „Малиот принц“, Антоан де Сент – Егзипери рекол дека меѓучовечките односи се единствен вистински луксуз, а Јапонија е вистински доказ на таа теза. Луѓето таму се подготвени добро да платат за разговор или за прегратка. Многу популарна пракса се енјо-косаи односите во кои постари мажи на девојки им даваат луксузни подароци за да се дружат со нив, а сексот не е примарен.

Виртуелни свршеници

Во Јапонија, едно од технолошки најразвиените земји на светот, можно е да се биде во врска со ликови од виртуелен свет, па дури и’ да се венчаат со нив. Мажите таквите „девојки“ ги носат на состаноци и им купуваат подароци, а има и специјализирани места за венчавки на кои покрај уредот за виртуелна стварност дежураат свештеници и сведоци за склопување брак.

Клубови со згодни момчиња

Индустријата за борба против осаменост повеќе им е свртена на мажите, но се наоѓа по нешто и за жените. Во Јапонија има специјализирани клубови во кои работат млади и згодни мажи чија работа е да ги забавуваат гостинките со интересни разговори, да ги слушаат, пијат пијалок со нив и да им даваат комплименти. Најчесто доаѓаат сингл девојки или жени, но има и многу мажени кои сакаат да заборават на своите проблеми.

Изнајмуваат семејство

Неженетите Јапонци сакаат да изнајмат сопруга и деца за да имаат чувство за семејство. Уживаат во тоа изнајменото семејство да ги дочека кога ќе си дојдат од работа, а многу е популарно да се изнајмат сопруга и деца преку викенд и со нив да се оди во парк, прошетка или купување. Тоа е една од најскапите, но и најбарани услуги – лажното семејство се плаќа 700 долари на час.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top