| четврток, 6 декември 2018 |

Догодина стартува втората фаза за изградбата на жичницата на Водно

Министерството за транспорт и врски догодина ќе распише тендер за изградба на втората фаза на жичницата од детската болница Козле до Средно Водно.

– Следната година планираме да започнеме со постапка за изградба на жичарница од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања Козле. За овој проект од буџетот за 2018 година предвидовме 50 милиони денари. Со ова планираме да ја збогатиме туристичката понуда на градот – рече денеска министерот Сугарески.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека следната година ќе почнат со постапка за изградба на жичницата, што всушност е продолжување на проектот на владата на Никола Груевски, од времето кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. Груевски пред две години најави дека втората фаза ќе биде готова до крајот на 2017 година.

Според проектот кој веќе е направен, втората фаза на жичницата ќе биде долга 1.600 метри, ќе има 27 кабини и ќе чини околу 7 милиони евра. На пресот, Сугарески не кажа дали ќе бидат нарачани и ВИП кабини, какви што има во жичницата од Средно Водно со Милениумскиот крст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top