| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО – ДПМНЕ и денеска на протест: Слобода за патриотите, Македонија мора да оди напред

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе одржи протест и ќе блокира три крстосници од 15 до 17 часот, а во 18 часот ќе одржи протест пред Министерството за правда, поради притворот на дел од осомничените за учество во насилството во Собранието на 27 април. Во прилог интегрално целото соопштение од партијата:

Државните институции и државата се заробени од хунтата на власт. Правосудниот систем работи под диктат и штанца конструирани обвиненија за политичките неистомисленици на власта. Монтираниот случај за наводен тероризам против 36 македонски патриоти е целосно неоснован и е со цел заплашување на секој ден кој се решил да крене глас против оваа недемократска власт.

Неправдата се чувствува на секој чекор. Селективната правда е исто така неправда и создава револт. Народот е уценет, а на љубовта кон татковината се гледа како кон грев, кој се казнува. Ова е епилогот од 6 месечното владеење на СДС.

Целата држава е ставена под контрола на власта, медиумите се притиснати, а граѓаните во страв. Додека се продаваат националните интереси и се спроведуваат штетни политики власта го дефокусира народот со разни спинови, лаги и конструкции. Селективноста на власта се гледа во пуштањето на убијците од Смилковско езеро на слобода, додека во исто време ги затвори 36-те македонски патриоти кои мирно и искрено протестираа  59 дена.

Во 21 век, во современа Европа, ние се соочуваме со хунта кој апси политички неистомисленици. Секој што размислува различно е под закана и обвиненија. Оваа неправда мора да запре. Притисоците, заканите и уцените не смеат да бидат наше секојдневие. Потребна е слобода за сите неправедно обвинети. Македонија мора да оди напред“.

ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението, бара слобода за патриотите.

– ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат неправдите, хајките и местенките. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците се додека ова лудило на власта не престане. ВМРО-ДПМНЕ денес ќе изврши блокирање на следните крстосници во период од 15 – 17 часот:

– Крстосницата кај Мавровка;

– Крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош;

– Крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ ќе организира и протест пред Министерството за правда, на улицата „Димитрија Чуповски“, денес во 18 часот, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните, велат од партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top