| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за одземање на имунитетот е политички реваншизам

Денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања е седница на партиска комисија на СДСМ, која не покажа достоинство да биде на нивото на обврската која ја има, а тоа е да се заштити Уставот и уставниот поредок на Република Македонија, реагираше пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, одлуката не е базирана на факти и аргументи, туку е базирана на голата желба за политички реваншизам на СДСМ и кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но и кон многу граѓани кои покажале лична доблест и свест да проговорат јавно против политиките на СДСМ.

„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот. Пораката што СДСМ ја прати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“, се вели во реакцијата.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на овие противуставни одлуки на партиската Комисија на СДСМ. „Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го преќути и аминуваше прекршувањето на Уставот и Деловникот за работа на Собранието. СДСМ сака да не постои опозиција, ниту во Собранието, ниту надвор од него. Тие се спреми да го прекршат Уставот, законите, Деловникот, да ги загрозат основните човекови права, да го нарушат достоинствот и честа на сите кои не мислат како нив. На СДСМ не и приоритет ништо освен политички реваншизам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top