Бројот на муслиманите во Германија би можел да се удвои до 2050 година, ова е заклучокот од истражувањето на Институтот „Пју“.
„Во Германија, ако се земе предвид редовната миграцијата без бегалски бранови, до 2050 година процентот на муслиманското население може да надмине 11 проценти, што е речиси двојно повеќе од денес“, се заклучува во студијата објавена од американскиот институт.
Дури и без редовна миграција, процентот би можел да се зголеми од сегашните 5,5 отсто на 9 проценти, проценува Институтот. Причината за ова е фактот што граѓаните од муслиманска вероисповед во просек се помлади од остатокот од населението, како и поради тоа што жените муслиманки во просек имаат повеќе деца (1,9) од остатокот од женската популација (1,4 деца по жена).
Според истражувањето, во кое се анализирани податоците од земјите членки на Европската Унија, Норвешка и Швајцарија, земја со најголем процент на муслиманско население во ЕУ е Франција (8,8 отсто), по што следуваат Шведска (8,1 отсто) и Велика Британија (6,3 отсто).
Истражувањето исто така покажува дека повеќето Германци на доаѓањето на голем број бегалци од Сирија и Ирак не гледаат како на сериозна закана, за разлика од испитаниците во Полска, Унгарија, Италија и Грција.
Во Полска, каде што отпорот на јавноста кон мигрантите од муслиманска вероисповед е многу изразен, живеат 0,1 отсто од муслиманите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.