| четврток, 6 декември 2018 |

Кери: Израел и Египет вршеа притисок САД да го бомбардираат Иран

Поранешниот американски државен секретар Џон Кери изјави дека Израел и Египет вршеле притисок врз САД да го „бомбардираат Иран”, пред да биде постигнат нуклеарниот договор во 2015 година.

Кери синоќа на собирот во Вашингтон, го бранеше договорот постигнат меѓу големите сили со Техеран, и кажа дека повеќе кралеви и претседатели им сугерирале на САД дека бомбардирањето е „единствениот јазик” кој Иран ќе го разбере. Тој оцени дека тоа била „стапица”, бидејќи истите тие земји јавно би ги критикувале САД ако тие го бомбардирале Иран.

За израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „вистински агитирал за акција”. Кери не знае дали Иран ќе ги обнови своите напори за вооружување со нуклеарно оружје за 10 до 15 години по завршувањето на ограничувањата на договорот, но рече дека тоа е најдобриот договор што САД би можеле да го добијат.

Нетанјаху во октомври му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп што повторно не го потврди тој договор, нарекувајќи ја „храбра одлука”.

-Тој храбро се спротивстави на иранскиот терористички режим. Ако договорот со Иран остане непроменет, едно е апсолутно сигурно, а тоа е дека за неколку години најголемиот светски терористички режим ќе има арсенал на нуклеарно оружје и ова претставува огромна закана за нашата колективна иднина, рече тогаш Нетанјаху.

Тој оцени дека „Трамп ја создал можноста за поправка на лошиот договор, да ја потисне иранската агресија и се спротивстави на нејзината криминална поддршка за тероризмот. Затоа Израел ја прифаќа оваа опција, рече Нетанјаху.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top