| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ го одби Груевски – не сакале консензус за името

СДСМ не ја прифати подадената рака на премиерот Никола Груевски да се постигне консензус во случај евроатлантските структури и понатаму да ни се неостварена стратешка цел поради блокадата на Грција. Груевски во петокот на партискиот јубилеј јасно повика дека е време Македонија да направи анализа на среден и на долг рок, како и да се постигне општествен компромис за државата да се справи со ваквата ситуација. Како што пишува „Дневник“, од СДСМ велат дека нема простор за анализа која ќе доведе до државна стратегија, туку дека власта треба да си ги преиспита сопствените политики за тоа зошто не сме во ЕУ и во НАТО.

– Време е Груевски да ги преиспита сопствените политики и да ѝ одговори на македонската јавност зошто Македонија во неговиот седумгодишен мандат на владеење не прави чекор кон НАТО и кон ЕУ-интеграциите. За каква анализа или, уште почудно, политички консензус говори Груевски во услови кога тој и неговите најблиски соработници целосно ги монополизираа прашањата од национален интерес за Македонија. За затвореноста на Груевски за овие прашања јасно говори и фактот што СДСМ, но и целата опозиција, нема никакви информации за тоа дали, што и во каков формат се разговара или преговара меѓу Македонија и Грција под покровителство на ОН. Дури и последниот предлог на посредникот Метју Нимиц е тајна за опозицијата во Македонија – велат од СДСМ.

Аналитичарите за „Дневник“ велат дека во овој момент не е потребен некој формален консензус, но потребно е машки да се пресече што натаму ќе правиме во спорот со наметнатиот спор со Грција, кој очигледно ни е пречка за интегрирање. Економските експерти, пак, сметаат дека доколку Македонија продолжи со реформите, европскиот пазар и натаму ќе ни остане достапен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top