Ноќните контроли на МВР сеат страв кај граѓаните и револт кај угостителите, објави објави НОВА ТВ. Во анализата поткрепена со изјави на граѓани, порталот пишува дека три викенда по ред МВР заедно со инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат вршат контроли во угостителски објекти во повеќе градови низ земјава. Покрај униформираните полицајци, инспекторите ги придружуваат припадници на специјалните единици на МВР, кои во кафулињата влегуваат вооружени како за некоја акција.
Последната контрола изминатиот викенд беше на територијата на Скопје, Тетово, Велес и Струмица. Извршени се проверки во вкупно 33 угостителски објекти, од кои 15 на подрачјето на Скопје, три во Тетово, осум во Гевгелија и седум во Кавадарци.
– Овие акции предизвикаа страв кај граѓаните кога во ноќни клубови, кафулиња и кафеани влегуваа десетици специјалци и револт кај угостителите кои реагираат дека ваквиот однос на полицијата им нанесува големи штети врз работењето. – пишува НОВА ТВ.
Граѓанин кој се нашол во близина на ноќниот клуб „Епицентар“ во Скопје за НОВА ТВ раскажа каков бил односот на полицијата за време на контролата во овој објект.
„Во петокот навечер, односно сабота околу 2.30, кога дојдов пред ноќниот клуб Епицентар затекнав двајца вооружени специјалци на самиот влез, а внатре во клубот музиката беше изгасната. На шанкот имаше двајца постари полицајци кои разговараа меѓу себе. На моето прашање дали може да ми кажат што се случува, дрско ми одговорија да си ја гледам својата работа, или во спротивно ќе ме приведат. Јас само им кажав дека на ваков начин се сее страв меѓу посетителите и ноќниот живот во градот замира, по што едниот од нив ме повлече за уво и така неколку метри влечејќи, ме изнесе надвор каде на брзина добив и еден шамар“, раскажува скопјанец кој сака да остане анонимен.
Откако го изнеле надвор од ноќниот клуб, под изговор дека ја попречувал работата на полицијата, заедно со петмина полицајци со полициско комбе бил однесен во Полициската станица Беко.
„Таму набрзина напишаа некој записник и ме тераа да го потпишам, а во спротивно ќе ми “натовареле“ казни од 3.000 евра. Одбив да потпишам, одбив и да бидам алкотестиран и да соработувам на било кој начин, бидејќи по нивната грубост и строгост очигледна беше намерата да ми наштетат, особено по однесувањето на младиот инспектор. Се закануваа дека ќе ме носат во Бардовци каде ќе преспијам. Им велев дека не сум под дејство на алкохол, а и не бев, бидејќи пијам антибиотици, но ме однесоа на Токсикологија каде по кратко тестирање утврдија дека вистина не сум во алкохолизирана состојба, за што ми издадоа и потврда“, раскажува тој.
Потоа, вели соговорникот на НОВА ТВ, повторно го одвеле во ПС Беко каде му дале да потпише изјава „под закана дека ќе го држат цела ноќ и ден ако не го стори тоа“. Тој одбил да потпише, а потоа бил пуштен да си оди дома.
„Ни крив ни должен, а очигледно понижен и исплашен, сега сум во ситуација во која најверојатно ќе бидам обвинет за омаловажување на полицаец, прекршок за кој е предвидена глоба од 900 евра. Ваквите постапки на одредени припадници на полицијата сосема го уриваат угледот на лицата кои ја носат оваа униформа и кои треба нас граѓаните да не заштитуваат, а не да не малтретираат“, вели соговорникот на НОВА ТВ.
Друг граѓанин кој во петокот бил излезен во клубот „Бравo“, за НОВА ТВ сведочи за дрскиот однос на полицајците кон гостите.
„Доживеав да ме тресе полиција за време на рација во „Браво“ и кога ги прашав зошто имаше потреба да се толку некултурни со мене ми рекоа: „Дечко, собирај си ги парталите и губи се“. Еден и ми се закани: „Ај оди си пред јас да ти покажам како функционира законот“.
Извинување до гостите и револт кон полицијата на социјалните мрежи искажаа и од бендот Yarl, кои во петокот имале свирка во кафулето „Браво“.
„И така ноќесна „1984“ се материјализираше и тоа за време на нашата свирка во „Браво бар“. Низок удар МВР. Пренизок дури и за вашите стандарди! Длабоко жалење и извинување до сите наши драги пријатели кои беа малтретирани, понижувани и вознемирувани од страна на нашите „безбедносни сили“, напишаа од бендот на нивниот Фејзбук профил.
За односот на полицијата при контролите на угостителските објекти неодамна реагираа и од Здружението за заштита на правата на угостителите „Хорекаши“, кои се жалат дека во сите контролирани објекти е нарушено редовното работење, а во многумина и стопирано.
„Со тоа е нанесена огромна материјална штета и е нарушен угледот на истите објекти, посебно кај оние каде не се најдени неправилности. Посебен акцент ставаме на предизвиканиот страв кај гостите од кои повеќето се странци видно загрижени за својата безбедност, кои вчудоневидени седеа во објектите спречени истите да ги напуштат од припадниците на ЕБР наоружани до заби, за кои сите знаеме дека таму не им е место“, велат за НОВА ТВ од здружението „Хорекаши“.
На прес конференцијата на МВР минатата недела, директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, присуството на специјалните полициски единици при контролите на угостителските објекти го правдаше со безбедносни причини.
„При контролите учествуваа полициски службеници од повеќе организациони единици. Од Одделот за специјални полициски операции, крим полиција, униформирана полиција. Ние во сите објекти не влеговме со службеници од Одделот за специјални полициски операции, туку со нив влегуваме онаму каде што врз основа на претходна безбедносна анализа ќе се утврди дека безбедноста е од висок степен и од тие причини, како поддршка на редовната полиција и инспекторите од УЈП и Државниот пазарен инспекторат ги ангажираме колегите од специјалната единица во случај да интервенираат при поголемо нарушување на јавниот ред и мир“, рече Велковски.
За време на последните контроли во петокот на неколку објекти им се издадени решенија за привремена забрана за работа, некои пак се казнети парично. Три објекти се казнети поради непочитување на Законот за заштита од пушење, две лица се приведени бидејќи бил фатен како пуши марихуана, а проведен е и еден малолетник кој пиел алкохол. Неколку лица се приведени поради нерегулиран туристички престој на странски државјани и нерегуларно вработување.
Министерството за внатрешни работи најави дека во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период.
Сопствениците на кафулињата и кафеаните кои ги контактирале од НОВА не сакаат јавно да зборуваат. Велат дека немаат ништо против полициските контроли и спроведување на законите, но не ја разбираат употребата на прекумерна употреба на сила и непристојно однесување на дел од полициските службеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)