| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ го објави романот „Тоње Глимердал“ од Марија Пар

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот за деца „Тоње Глимердал“ на познатата норвешка писателка Марија Пар, во преводот од норвешки јазик на Ивица Челиковиќ. „Тоње Глимердал“, се смета за еден од најдобрите норвешки романи за деца од овој век, преведен е на многу јазици и е веќе интернационален хит.

Марија Пар е норвешка писателка за деца која пишува на новонорвешки јазик. Своето деби во литературата го направи во 2005 година со книгата „Вафлено срце“, а во 2009 година ја издаде својата втора книга „Тоње Глимердал“, за којашто ги доби највисоката национална книжевна награда „Браге“ во категоријата детска литература и Наградата на норвешките критичари за литература. Романот „Тоње Гли­мердал“ е награден и со високи награди за литература за деца во Германија и во Франција. Според романот е снимен филм и е поставена театарска претстава. Во 2017 година излезе нејзината трета книга „Чуварите на морето“, која е продолжение на „Вафлено срце“. Првите две нејзини книги се преведени на многу јазици и се топло прифатени како од децата низ целиот свет, така и од критичарите, кои сосема оправдано ја нарекуваат „новата Астрид Линдгрен“.

Марија Пар во своите книги ја воспева романтиката на селскиот живот, ја уважува природата и сериозно ги разбира чувствата и грижите на децата, коишто ги носат и новите времиња и самото растење. Нејзините јунаци се бестрашни, инвентивни, бунтовни и забавни и со себе секогаш ја носат романтиката на детството. Тоа не е исклучок ниту со црвенокосото девојче Тоње Глимердал, главниот лик од истоимената книга, кое има девет години и живее во долината Глимердален, каде што е единственото дете. Моделот на неконвенционално семејство во кое расте Тоње, каде што таткото готви и го одржува домаќинството, додека мајката работи, заедно со нетипич­ната рустикална и традиционална средина каква што е Глимердален, претставуваат совршен спој помеѓу традицијата и современиот начин на живеење. И ниту едното ниту другото, во ниту еден момент не претставува пречка Тоње Глимердал да се развива во здрава, весела, искрена и отворена индивидуа со современи и разумни сфаќања, а во дадени ситуации да претставува мост меѓу возрасните и нивните проблеми создадени од нив самите и носител на многу пораки, над коишто авторката многу отворено, но на интересен и забавен начин, нè поттикнува да се замислиме, а од кои најважната е: дека децата никогаш не се виновни за погрешните избори и постапки на возрасните.

Музиката, пак, којашто постојано е присутна низ целата приказна како еден многу важен и традиционален елемент во комуникацијата меѓу луѓето, ја дава поентата дека и модерните луѓе кои го апсорбираат секој нов импулс што го носи времето, имаат потреба од сигурноста и стабилноста на традиционалните вредности кои, сепак, треба да се негуваат и да се почитуваат.

Во романот „Тоње Глимердал“ Марија Пар раскажува извонредно конструирана и топла приказна за меѓучовеч­ките односи и чувства, со необични и нетипични карактери, каков што е и главниот лик Тоње Глимердал.

Деветгодишното девојче Тоње страда од фактот што е единственото дете во своето селце, но е многу среќна што му е најдобрата пријателка на 74-годишниот старец и нејзин кум – Гунвалд. Двајцата се прекрасно друштво, заедно прават санки, свират и пеат…, со еден збор – одлично се забавуваат. Но многу често се случуваат и непредвидливи работи и се соочуваат со неверојатни тајни, заплети и пресврти. Во нивните разврски има и тага, но многу повеќе радости. Тоње – `Фури­јата на Глимердален`, како што ја знаат сите, е секогаш неуморна и бестрашна кога сака сите неправедни работи да ги доведе во ред. А приказната во овој роман покажува колку е важно да имате пријатели и како децата знаат да бидат помудри од возрасните. Сè е добро кога ќе заврши добро, но поубаво и од празник е кога тоа така ќе заврши на роденденот на Тоње Глимердал, а читањето на овој роман може да се доживее како мал литературен празник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top