Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува објавувањето на книгата за деца „Приказната за сината планета“ од исландскиот писател Андри Снаер Магнасон, со илустрации на Аслауг Јонсдотир. Книгата – во моментов објавена на 22 јазика – е првата книга за деца што ја доби највисоката книжевна награда на Исланд, а воедно и почесната награда „Јануш Коржак“ и Западнонордиската награда за книжевност за деца. Преводот на македонски е на Ѓургица Илиева.
Бојан и Хана се најдобри пријатели што живеат на остров на една прекрасна сина планета каде што живеат само деца, без возрасни, секој е најдобар пријател со секој друг и секој ден е повозбудлив од вчерашниот. Нивните животи се едноставни и радосни сè додека, еден ден, вселенски брод управуван од возрасен со чуден изглед по име Веселко Ведарденовски не се сруши на плажата. Ведарденовски им ветува на децата дека ќе им ги направи животите стопати повозбудливи во замена за само капка од нивната младост и ги попрскува со магичен летачки прашок што се активира на сонце – тој дури и ќе го прикова сонцето за небото само за децата да можат да летаат по цел ден и цела ноќ. Децата се толку понесени од своите нови игри што ќе ги изумат сите игри во кои порано уживале. Во текот на големиот летачки натпревар на Ведарденовски, Хана и Бојан лебдат на другата страна од планетата, каде што откриваат дека цело време е темно, а децата се болникави и бледи. Тие знаат дека мораат да ги спасат бледите деца, но прво мораат да се вратат на островот и да ги убедат своите пријатели дека Веселко Ведарденовски не е таков каков што се претставува.
Оваа фантастична авантура, преубаво раскажана, се развива како навидум едноставна сказна. „Приказната за сината планета“ ќе ги израдува и ќе ги предизвика читателите од секоја возраст.
„Со ’Приказната за сината планета‘, Андри Снаер Магнасон ни прикажува наша лична планета што боли, длабока еколошка басна во која обичните деца можат да опустошат цел еден свет… или да спасат. Без разлика дали се работи за глобалниот екосистем или пак за внатрешната чистота на децата, Андри се грижи за добробитот и на едното и на другото и покажува како овие две работи всушност одат заедно“, пишува за книгата Маркус Јуерт, авторот на наградуваната „10 000 фустани“.
Книгата е објавена со поддршка на Исландскиот книжевен центар.
Андри Снаер Магнасон е еден од најпознатите писатели од Исланд. Во 2002 година неговиот роман „LoveStar“ беше прогласен за роман на годината од страна на исландските книжарници и ја доби книжевната награда ДВ. Андри Магнасон е добитник и на наградата „Каиро“ во 2010 година. Во 2016 година се кандидирал за претседател на Исланд и влегол меѓу најдобрите тројца кандидати.
Аслауг Јонсдотир ги има напишано и илустрирано, меѓу другото, „Јајцето“ (2003), „Сакам риба!“ (2007), како и „Добра вечер“ (2005), која ги доби наградата „Букселер“ за најдобра книга за деца во 2005 г., Исландската награда за илустрации, како и Детската книжевна награда на Образовниот совет на Рејкјавик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поезија од Јовица Тасевски Етернијан објавена на српски јазик
-
„Прозарт Медиа“ објави дела од врвни аргентински автори: „Разузнавачки извештаи“ и „Свињите“ на македонски јазик
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)
-
Преводот „Republika Ilinditase e Maqedonise” е погрешен според нормите на албанскиот јазик