| четврток, 6 декември 2018 |

Преводот „Republika Ilinditase e Maqedonise” е погрешен според нормите на албанскиот јазик

Преводот на албански јазик „Republika Ilinditase e Maqedonisë” на предлогот „Република Илинденска Македонија”, кој особено го брани вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи како „правилен од фонетски и граматички аспект во албанскиот јазик“, наидува на различни толкувања, но и на негатвни реакции во албанскиот политички блок.

Д-р Аслан Хамити, професор на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, ја изнесува следната критичка забелешка, втемелена врз научни аргументи:

-Во врска со новопредложеното име ‘Република Илинденска Македонија’ во верзијата на албански јазик, слушаме и читаме неколку верзии, од кои како најчести се: ‘Republika Ilinditase e Maqedonisë’, предложена од коалицијата во власта; ‘Republika Ilindenase e Maqedonisë’ и ‘Republika e Maqedonisë së Ilindenit’. Од предложените верзии на албански јазик само една од нив треба да се стандардизира, односно да се прифати само точната и правилната форма. Од јазична гледна точка, не само според мое видување, туку и според другите албанолози, прифатлива и правилна форма е верзијата: ‘Republika e Maqedonisë së Ilindenit’.”

Д-р Мустафа Ибрахими, јазичар – албанолог од Универзитетот „Мајка Тереза” од Скопје, исто така, истакнува дека преводот „Republika Ilinditase e Maqedonise” е погрешен и нагласува: „Следејќи ги дискусиите и полемиките околу предлогот за новото име на Македонија и преводот на албански јазик, како лингвист би сакал да образложам неколку јазични факти и норми, без да навлеземе во политичкиот дел на проблемот. Предложеното име ‘Република Илинденска Македонија’ на албански беше преведена ‘Republika Ilinditase e Maqedonise’. Ако се анализира македонската структура, јасно се гледа дека ‘Илинденска’ е придавка, додека ‘Македонија’ е именка. Споредувајќи ги јазичните норми на двата јазика во поглед на придавките, присвојните заменки и бројните придавки, треба да имаме предвид дека во македонскиот јазик тие одат пред именката, додека во албанскиот после именката. Оттука, ‘Илинденска Македонија’ ќе се преведе како ‘Maqedonia e Ilindenit’. Ако на оваа синтагма се додаде ‘Република’, тогаш на македонски имаме ‘Република Илинденска Македонија’, додека на албански треба да биде ‘Republika Maqedonia e Ilindenit’, а не ‘Republika Ilinditase e Maqedonise”.

 

извор: мкд.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top