За неколку години ќе бидеме подготвени да пресадуваме човечка глава, изјави врвниот италијански неврохирург од Торино Серџио Канаверо.
– Трансплантацијата на глава од човек е технички изводлива. За неколку години тоа може да биде реалност. Подготвен сум за првата трансплантација, изјавил Канаверо во интервју за магазинот Тудеј.
Канаверо стекна светска репутација во 2008 година кога успеа да пробуди од постојана вегетативна состојба дваесетгодишна девојка. Проектот за пресадување глава се вика HEAVEN/GEMINI, а претставува можност за фузија на два различни рбетни мозока, оној од телото на донорот и оној од телото на примачот.
Неврохирургот објаснува дека може да се реконструира континуитетот на рбетниот мозок што е основна работа во оваа операција. Специјални хемиски материјали даваат можност да го вратат интегритетот на отсечените нервни влакна. Целата операција се изведува во длабока хипотермија, на 15 степени, за да се заштити мозокот.
Тој исто така објаснува и кои би можел да бидат донатори, а кои примачи при трансплантацијата. На пример, тие што го загубиле животот поради удари во глава би биле донори, а оние кои се тешко болни од невромускуларни болести да бидат примачи. Лекарот препорачува уште сега да се почне со подготовка на закони за такви трансплантации.
За вакви хируршки потфати се зборувало и во 1999 година кога американскиот неврохирург Роберт Ј. Вајт рекол дека тоа можно откако успеал да пресади глава од еден на друг мајмун. Сепак, проблемот кај него било тоа што мајмунот останал парализиран. Канаверо смета дека токму неговата метода за поврзување на нервите може да гарантира успех.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


